Триесет и четири проекти на основни и средни училишта се наградени на „Предизвик за млади истражувачи 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука.
На финалниот настан кој денеска се оддржа во градскиот парк во Скопје директорот на ФИТР, Јован Деспотовски порача:
„Навистина охрабрува и огромниот интерес и денешното присуство на основци и средношколци од буквално целата земја. Сите што учествуваа на предизвикот се победници затоа што се одважија своите иновативни идеи да ги претворат во одлични проекти и да го предизвикаат Фондот да обезбеди поголема поддршка. Фондот одговори на тој предизвик, и наместо предвидените 2.5 милиони денари, денеска доделуваме 6 милиони денари. Секој денар вложен во овие млади луѓе верувам дека повеќекратно ќе се врати во нашето општество.“
Деспотовски најави и дека ваков предизвик ќе биде организиран и следната година.
Со свои мотивациски говори кои имаат за цел да ги охрабратат сите млади луѓе на настанот им се обратија и Изабела Пан, Марко Лазетиќ од скопската гимназија „Ѓорѓи Димитров“, минатогодишен добитник на награда во рамки на Предизвикот и Бодан Велпвски од компанијата Смартек системи, компанија корисник на средства од ФИТР.
Комисијата за избор и оценување одлучи да им додели финансиска поддршка на проектите од дваесет основни и четиринаесет средни училишта од целата држава. Проектите се од различни области меѓу кои астрономија, земјоделие, екологија, машинство и ИТ.
Покрај финансиската поддршка за тимовите, дополнителни 30.000 денари се предвидени за наставниците кои ги менторираат проектите – средства наменети за обуки, семинари, конференции кои што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.
Комисијата за избор и одлучување беше во состав: Нуран Кадриу Џамбази – претставник од Сектор средно образование при МОН, Верица Златанска Пауновска – претставник од Сектор основно образование при МОН, М-р Валентина Гоцевска и М-р Владо Стојанов – претставници од Бирото за развој на образование, Олга Самарџиќ Јанкова, претставник на Здружение за унапредување на обазованието КОНЕДУ ГЛОБАЛ од Скопје, и Катарина Кречева и Неда Икономова Гавриловска одФИТР.
Во рамките на „Предизвик за млади истражувачи 2“ се пријавија 88 основни и средни училишта. Предизвикот беше отворен од 01 февруари до 31 март 2019 година со цел поттикнување на критичко и креативно размислување кај младите во нивниот развој и стимулирање на иновативни идеи и акции во процесот на образование во основните и средните училишта во Северна Македонија.