Иако пиењето кафе има некои потенцијални ризици по здравјето, новите истражувања покажуваат дека исто така може да ја намали веројатноста за појава на некои болести како канцер на простата, Паркинсонва болест, Алцхајмерова болест и срцеви заболувања. Сега научниците открија и дека кафето веројатно може да им помогне на гојазните луѓе.
Нашите тела имаат два вида масти: бели масти, каде што се складираат вишокот калории и кафеави масти, кои го загреваат телото кога согоруваат калории. Тоа значи дека ако некој има премногу бели масти, ќе биде гојазен, а ако има повеќе масти од вториот тип, ќе биде постојано виток.
Понатаму, вештачкото стимулирање на кафеавите масти да согоруваат калории, наместо тие калории да се складираат, исто така помага за намалување на килограмите. Според британскиот Универзитет Нотингем, досега никој нема создадено прифатлив метод на стимулирање на кафеавите масти кај луѓето.
Со цел да го сменат тоа, истражувачи од Универзитетот најпрвин почнале да прават лабораториски тестови користејќи матични клетки за да утврдат дали кофеинот може да ги стимулира кафеавите масти. Откако откриле дека одредена доза може да го направи тоа кај матичните клетки, потоа почнале да тестираат дали истиот ефект ќе го има кај луѓето.
Тестовите покажале дека половина час откако деветте доброволци кои учествувале во истражувањето го испиле кафето, нивните кафеави масти почнале да се загреваат и со тоа да согоруваат калории. Сега се прават понатамошни истражувања за да се потврди дека токму кофеинот од кафето е одговорен за тоа, односно дали има некои други состојки во овој пијалак кои може да предизвикаат таква реакција.