Општина Гази Баба додели вкупно 400.000 денари на два тима од факултети на територија на општината, кои своите идеи треба да ги реализираат во период од 5 месеци.
Првиот тим е од Природно – математички факултет со проектната идеја „Мапирање и означување на дрвенести и грмушести видови во паркот на Ботаничката градина“. Вториот, пак, е тим од факултетот за земјоделски науки и храна со проектната идеја „Иновативен уред за определување на содржината на вода во почвата“.
Целта на овој проект, кој стартуваше минатата година, е студентите рационално да го искористат своето време додека студираат и професионално да се развиваат кон она што сакаат да работат токму преку овие проекти.
Според градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски овој проект претставува успешна приказна која од година в година предизвикува се поголем интерес.
„Заедно со вашите ментори продолжуваме да бидеме вашиот поттик за што повеќе студенти својата замисла да ја претворат во реалност“, рече Георгиевски.
Од Гази Баба сметаат дека ваквите проекти во иднина значително ќе придонесат за развојот на општината.
Претходно, беа презентирани проектите идеи од минатогодишните победници – на тимот од Факултетот за земјоделски науки и храна со „Иновативен модуларен уред за контрола на наводнувањето” и oд Шумарски со „Зелена лична карта на Дендро паркот со примена на современи геоматски техники“.
(Извор- Радио МОФ)