Двајца студенти по дизајн го основаа првиот моден бренд дизајниран од вештачка интелигенција-Glitch, пишува Радио МОФ.
Компанијата е дело на двајца млади луѓе кои се сретнаа на курсот на Масачусетскиот институт за технологија, кој ги охрабри студентите да развијат софтвер способен да анализира и да се надоградува за креативните иницијативи, како што се уметност генерирана од вештачка интелигенција, накит и парфеми.
Студентите Пинар Јанардаг и Емили Салвадор направија програма способна да дизајнира верзија на “малиот црн фустан”.
Нивната компанија „Glitch“ користи вештачка интелигенција за да создава дизајни за кои се вели дека ги притискаат границите на модата: како на пример асиметричен фустан со еден нормален и широк кус ракав.
Типични корисници на брендот се жени кои работат во технологијата. Половина од приходите од дизајнот на „малиот црн фустан“ се донирани на AnitaB.org, социјално претпријатие кое ги поддржува жените кои влегуваат во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM).
Двајцата млади претприемачи сакаат да ги инспирираат жените да се вклучат во машинското учење и создаваат едноставни алатки за да ја поттикнат соработката меѓу луѓето и вештачката интелигенција.
Во иднина, соработката помеѓу алгоритмите и луѓето би можела да стане вообичаено. Истражувачите од Јеил и Оксфорд истражуваа како вештачката интелигенција ќе го преструктуира секој аспект од нашиот живот, трансформирајќи ги областите како транспорт, здравје, наука, финансии и војска.
Истражувањето предвидува дека постои можност од 50% за тоа вештачката интелигенција да ги надмине луѓето во секоја работа до 2062 година и да ги автоматизира сите работни места за 120 години. Но, резултатите ги истакнуваат и широките регионални разлики во очекувањата на потенцијалот на оваа сфера.
Азиските испитаници очекуваат високо ниво на машинска интелигенција (HLMI) кое ќе го трансформира нашиот свет побрзо од очекувањата во останатите региони. Ова се опишува како ситуацијата каде што машините без помош на луѓето се способни да ги завршат задачите поефективно и поефтино од човекот, а кои вклучуваат и активности како што се дизајнирање облека и други креативни функции.
Извештајот за иднината на работните места на Светскиот економски форум во 2018 година ги наведува вештачката интелигенција, машинското учење и ширењето на нови технологии како клучни двигатели на промените на глобалниот пазар на трудот.