Бројот на модели на електрични автомобили кои сега се достапни во Европа се очекува да се триплира до 2021 година. Досега се забележува застој во подемот на електричните возила главно поради недостигот од соодветна инфраструктура и повисоките цени. Последните податоци покажуваат дека производителите на автомобили до 2021 година ќе понудат 214 модели на автомобили, што е голем пораст во споредба со само 60 модели во 2018 година.
Бидејќи ќе има поевтини верзии, консументите ќе почнат повеќе да се префрлаат од бензинците и дизелашите многу порано од очекуваното. Според анализите на Европската федерација за транспорт и животна средина, кои се базирани на податоци од истражувачката куќа IHS Markit, производителите на автомобили се подготвени за електрификација на возилата.
Според прогнозите, во 2021 година автомобилските компании ќе понудат 92 целосно електрични автомобили и 118 хибриди. Ако се придржуваат до плановите, 22% од возилата произведени до 2025 година ќе бидат целосно или делумно електрични, па тоа ќе и овозможи на Европската унија полесно да го достигне таргетот од 95 гр/км емисија на јаглерод диоксид од возилата до 2025 година.
Најголемите фабрики за производство на електрични автомобили ќе бидат во Германија, Франција, Шпанија и во Италија.