Македонската фабрика за фотоволтаици, „Пиксел груп“ прави иновативни термални модули кои освен електрична, произведуваат и топлинска енергија

- Advertisement -

Првата македонска фабрика за фотоволтаици, „Пиксел груп“ инвестираше 200.000 евра и го зголеми производствениот капацитет на 50 мегавати. Компанијата, која стартуваше со работа пред една година, своите производи ги пласира на домашниот и на пазарите во регионот и пошироко, а во овој период нивните модули се инсталирани на 120 централи за производство на електрична енергија. Освен монокристални и поликристални фотоволтаични соларни модули, од неодамна во производствените погони на „Пиксел груп“ се произведуваат и хибридни фотоволтаични термални модули, иновативен производ, кој што освен електрична, произведува и топлинска енергија и кој, како новитет ќе се нуди на eвропскиот пазар.

Според првите луѓе на компанијата, Горанчо Паунов и Димитар Ковачевски, плановите за иднината се поврзани со нови инвестиции и следење на светските трендови во оваа индустрија.

- Advertisement -

„Стартувавме со производна линија од 20 магавати годишно, а целта ни беше за една година, да дојдеме до 50 мегавати, со што би одговориле на потребите на домашниот пазар, но и на регионалчните пазари. Со задоволство може да кажеме дека веќе произведовме 10 магавати фотоволтаични панели и имаме повеќе реализирани проекти. Високиот квалитет на производите се потврдува и преку продажните резултати, при што во текот на една година фотоволтаичните модули на компанијата се инсталирани на 120 соларни централи со различна моќност за производство на електрична енергија. Горди сме што реномирани компании како Витаминка, Макпрогрес Винчини, Адора, Ариље Метал, Мак Тоис, Ларс, ФФМ, Агрогама и уште 108 училишта и градинки во 34 општини во Северна Македонија произведуваат електрична енергија од сонцето со помош на нашите фотоволтаични модули“, изјави директорот на „Пиксел груп“, Горанчо Паунов.

Македонскиот производ, посочува, е висококвалитетен и сертифициран со TUV SAAR, најстрогиот и нарелевантниот сертификат во оваа индустрија, како и со повеќе меѓувародни стандарди прифатени во Европа и светот, кои ги опфаќаат квалитетот на производството и на суровините. Компанијата најавува дека е подготвена за предизвикот и да биде стабилен партнер кој ќе понуди производи со врвен квалитет и во проектот за градење на капацитети на фотоволтаични централи до 200 мегавати на државна и приватна земја, што го најави Владата.

- Advertisement -

Инвестицијата во фотоволтаици од четири киловати за домаќинство е приближно 3.500 евра, а во хибридните системи до 5.000 евра. Ова, според Ковачевски, е еден од најефикасните модели за надминување на проблемите на македонските градови со високата загаденост на воздухот.

„Основните фактори кои влијаат на загадувањето се затоплувањето и производството на електрична енергија, а овие системи за двете намени ја користат чистата сончевата енергија. Треба да ги следиме и светските трендови за енергетска ефикасност, што подразбира фасади со фотоволтаични системи, која произведуваат струја, а не фасади обложенаисо стиропор“, посочува тој.

- Advertisement -

Според Ковачевски, успехот на компанијата се должи пред се на посветеноста на тимот. Во моментов има 25 вработени, машински и електро инженери и техничари, кои постојано се усовршуваат на обуки со експерти со големо искуство. Во компанијата се ангажирани и реномирани домашни и странски експерти кои работата на усовршување на постојните и иновирање на нови производи.

„Вложуваме и во заедницата, па технологијата со која располагаме ја направивме достапна на голем број средни училишта и универзитети чии ученици и студенти имаат можност своите теориски знаења практично да ги  видат во нашата компанија. Среќни сме што во изминатиот период голем број студенти од електротехничкиот и машинскиот факултет својата пракса ја поминаа токму во нашата компанија. Ова е наш скромен продонес кон унапредувањето на образовниот процес и креирањето на нова генерација високо стручни кадри, но и воопшто граѓани кои преку производството на чиста енергија ќе ја унапредат нашата економија и животна средина“, посочи Ковачевски.

Сподели!
- Advertisement -