Како се облекуваме на работа има големо влијание на кариерата, без разлика што живееме во време кога во компаниите важат полежерни правила на „dress code“. Во неодамнешната студија на Роберт Халф во САД, повеќето професионалци (86%) и менаџери (80%) рекле дека изборот на облека влијае на нечии шанси за напредок во кариерата. А 44% од постарите менаџери рекле дека мора да разговараат со вработените за нивната непримерна облека, а третина од нив ги вратиле дома оние вработени кои не биле пристојно облечени, објави Fastcompany.
Не треба да се занемарува фактот дека повеќето луѓе во текот на својот работен век ќе поминат низ неколку различни кариери и фази во развој на кариерата, па секојдневното размислување што да се облече на работа станува се поважно.
Ова се неколку совети како да се облечете на работа:
Почеток и прва година од кариерата
Кога почнувате кариера мора да знаете дека првиот впечаток е многу важен. Александра Хоуел, асистент на Мередит колеџот за дизајн вели дека ако ве вработиле, тоа значи дека веќе сте поминале извесно време во канцеларија или дека барем малку знаете за компаниската култура, што вклучува и некои очекувања што е прикладно да облечете. Без разлика дали е во прашање „casual“ стил, „business casual“ или формален стил на вашето ново работно место, облечете се за нијанса поформално. Ако вашиот менаџер на разговорот за работел носел фармерки, патики и дуксер, би било премногу несоодветно ако вие дојдете облечени во одело. Затоа е најдобро да се облекувате деловно, но лежерно. Панталони и поло мајца за машки и цигара панталони и удобна блуза или џемпер за жени е полн погодок.
Унапредување и промена на стилот
Вашата гардероба мора да се промени кога ќе добиете унапредување, вели Лаура Хендрик, аналитичар за кариера и работни места на FitSmallBusiness.com. Но, тоа треба да биде суптилно, неприметно. Изборот на облека помага да се воспостави авторитет над вашите колеги, на кои сега сте им надредени. Бидете свесни, дека вашите надредени секогаш ве набљудуваат вас и вашите способности да придонесете за компанијата. Затоа, ако продолжите да се облекувате исто како и оние на кои им давате работни задачи, тоа суптилно дава знак на надредените дека подобро се вклопувате со колегите отколку со лидерите.