Аријана Коскарова: Балканскиот претприемачки самит ќе ја отвори потребата од основање фондови за ризичен капитал во земјава!

- Advertisement -

На 13ти септември ќе се одржи првиот Балкански претприемачки самит во хотелот Хилтон во Скопје. Доаѓаат атрактивни учесници од Балканот кои ќе дебатираат на актуелни теми. Тоа е повод за разговорот со Аријана Коскарова од Creative Hub, организатор на настанот.

Разговараше- Верица Јорданова

Г-ца Коскарова, агендата настанот е поделена на четири дела: соработка, иновации, финансии и справување со недостатокот од кадри. Зошто ги избравте токму овие теми за првиот Балкански претприемачки самит?

- Advertisement -

Темите ги избравме според самиот концепт на претприемништвото. Без финансии не може да се реализира бизнис идеја, но има многу разлика од можностите на започнување на бизнис во Силиконската долина каде има голем број на фондови за ризичен капитал (venture capital) и на Балканот каде финансирањето е ограничено на кредитна способност  на клиентот. Од друга страна, голем дел од фирмите имаат проблем со несоодветна работна сила. Во Creative Hub, како центар за неформално образование, секојдневно се среќаваме со ситуации на луѓе кои доаѓаат да се дообразуваат, но најчесто за да заминат во странство. Имаме проблем како да го задржиме овој кадар тука, и како да го насочиме на правилен развој за раст на самата компанија. За останатите два аспекти, иновации и соработка, мислам дека секој ќе се сложи дека доколку не понудиме нешто ново ќе имаме проблем да се “бориме” со низата слични производи и ниски цени. А соработката и контактите можат да ни отворат нови врати за раст и развој на компанијата.
Во петок е најавен venture инвестициски панел. Кажете ни кои ќе бидат гостите на панелот и дали ќе се отвори темата за развој на venture capital инвестициски фирми во Македонија?
Третиот панел е инвестициски панел, каде ќе направиме споредба меѓу venture capital финансирањето и “традиционалното” финансирање преку банкарски кредити. Гости на панелот ќе бидат директорот на НЛБ Банка А.Д. Скопје г-дин Антонио Аргир, Евгениј Ангелов, претседател на Бугарската Асоцијација за Вентуре Капитал и партнер во Постскриптум вентурес и Јоргос Мусмулас, партнер во Метавалон вентурес од Грција. Евгениј и Јоргос имаат големо искуство при формирањето на овој тип на фондови во Бугарија и во Грција и преку нив ќе се обидеме да го отвориме прашањето на формирање на поголем број вентуре капитал фирми во Македонија, па и на Балканот.

Ден пред настанот организирате и “питчинг ден” со македонски компании и Еван Лутра, еден од гостите кој е познат инвеститор во над 50 компании од Индија, почесен докторант, сериски претприемач и инстаграм “инфлуенсер” со над полoвина милион следбеници на Инстаграм каде секојдневно ги мотивира да започнат сопствен бизнис. Како остваривте контакт со него?
Еван го запознав пред две години во Монако, каде зборуваше на еден Блокчејн форум. Кога решивме да го организираме овој настан, тој беше еден од првите што ги исконтактирав и бидејќи не бил во никогаш во Македонија сметав дека ќе му биде интересно да дојде. Еван е сериски претприемач, првиот милион го направил на 20 години и е доста импресивен во она што го работи. На 12ти ( четврток) организираме питчинг со дел македонски компании како пред-почеток на настанот и можеби некој ќе има среќа да добие и инвестиција.
Во јавноста имаше промоција дека познатиот бренд Диор токму ќе ја презентира во Скопје нивната нова маркетинг стратегија. За што конкретно се работи?
Гостин на настанот е и глобалниот директор на дигитален маркетинг на Диор, Акаш Мехта. Да се надоврзам на првото прашање, Акаш го запознав на Форбес конференција во Лондон, што значи соработката и контактите се во голема мера “виновни” за високиот квалитет на гости што ги имаме на настанот. Диор во моментот развиваат новина кое ја заменува вештачката интелигенција, а тоа е вештачко влијание. Самата презентација е насочена “Вештачкото влијание новата ДНК на дигиталниот маркетинг”, а јас сум нестрплива да ја слушнам.
За крај би сакала да Ви посакам успех и да Ве прашам што очекувате на 13ти септември?
Јас се надевам дека ќе имаме квалитетен настан со 30 спикери и 250 гости од бизнис сферата. Се надевам дека преку презентациите, панел дискусиите, интервјута ќе отвориме можности, и овој настан ќе прерасне во традиција.

Сподели!
- Advertisement -