Сојата се користи во големи количини како сточна храна. Вртоглавиот раст на наталитетот значи сечење на прашумите и пораст на употребата на месо. Борците за заштита на планетата Земја тврдат дека луѓето мора да јадат седум пати помалку месо и млечни производи ако сакаме уште долго време да живееме на нашата планета.
Приносите од сојата постојано растат. Последната светска жетва изнесуваше околу 360 милиони тони, што е 70% повеќе отколку пред десет години. Така велат податоците од американското министерство за земјоделство. Најголеми светски производители на соја се САД со 34%, а потоа следуваат Бразил (32%) и Аргентина (15%).
Според извештаите на организацијата Greenpeace, сојата пред се се користи за исхрана на добитокот, затоа што е богата со протеини. Во земјите од ЕУ дури 87% од произведената соја завршува на сточните фарми, 6% се користи за производство на биодизел, а 7% за храна за луѓето.
Подрачјата на кои некогаш имало прашуми се особено погодни за одгледување соја и тоа од две причини – климатските услови и постоењето големи земјопоседници. Повеќе од 95% од жетвата се генетски модифицирани сорти, отпорни на пестициди. Ваквите билки особено се погодни за индустриско производство со малку работна сила.
Поради се поголемата употреба на сојата, логичен следен чекор е сечење на прашумите за да се создаде повеќе земјиште за обработување. Според Организацијата за храна и производство на Обединетите нации, во Бразил површината на која се одгледува соја се зголемила четирикратно последните 20 години на околу 340.000 квадратни километри, што е еднакво на површината на Германија.
Според податоците на Сојузниот завод за заштита на животната средина, околу 10 милиони квадратни километри плодно земјоделско земјиште се засадени со сточна храна, што е речиси четири пати повеќе од површината засадена со храна за луѓето.
Тоа сечење на шумите и исушувањето на мочуриштата со цел производство на месо создава емисија на штетни гасови. Според податоците на Меѓувладиниот панел за климатски промени, земјоделството е одговорно за 23% од глобалната емисија на стакленички гасови. Ако на тоа се додадат и другите емисии од процесот на производство на храна, превоз итн. таа вредност ќе се искачи на 29%.
Според препораките на панелот, до крајот на овој век значително треба да се намалат површините кои се користат за земјоделско производство – од сегашните 50 милиони квадратни километри треба да се намалат на околу 40 милиони. За да се отстранат гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина во атмосферата, решението е во пошумувањето. Пораката од панелот е дека на површина од околу 7,5 милиони квадратни километри треба да се посадат нови шуми. Колку за споредба, површината на сите земји од ЕУ е 4,5 милиони квадратни километри.
Освен тоа, од панелот препорачуваат и помала консумација на месо. Просечната потрошувачка на месо по лице во светот би требало да изнесува 300 грама неделно, а потрошувачката на млечни производи 630 грама неделно. Во Северна и Јужна Америка, Европа и во Кина моментално се консумира четири до седум пати повеќе месо. Во Европа и во САД потрошувачката на млечни производи моментално е осум пати поголема од препорачаната.
За спас на планетата треба да јадеме седум пати помалку месо и млечни производи
- Advertisement -
- Advertisement -