Само 20 отсто од осигурителните услуги се дигитализирани

- Advertisement -

Само 20 отсто од осигурителните услуги се дигитализирани. Граѓаните можат дигитално да го завршат осигурувањето на патнички возила и здравственото осигурување. Тенденција е и осигурителниот пазар да се вклучи во напредните технологии. Овие податоци беа дадени денеска на прес-конференција на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на која учествуваше и директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Поповски.
Иако со дигитализацијата на овој сектор сме назад од развиените земји, сепак, како што рече директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Поповски, многу сме понапред од регионот.
– Но, на долг рок, ако не го фатат чекорот со новите технологии, друштвата за осигурување ќе бидат осудени на пропаст, односно нема да можат да опстанат на пазарот- рече Поповски.
Според него, дигитализацијата нема да го намали бројот на вработени во оваа индустрија, туку ќе го промени составот и подготвеноста да се одговори на новите технологии.
Претседателот на Здружението на осигурувањето, Ѓорѓе Војновски, причината за ниското ниво на дигитализација на услугите во осигурувањето ја префрли на менаџментот.
– Прифаќањето и примената на напредните технологии, за жал зависи од менаџментот и неговата визија иако добар дел од компаниите во овој бизнис одат многу понапред – рече Војновски.
Поповски рече дека осигурителните компании веќе имаат на располагање најразлични можности за дигитализирање.
– Посебно радува фактот што наши ИТ компании работат софтвери за странски осигурителни компании – рече Поповски.
Со цел да се согледаат преспективите од придобивките на процесот на дигитализација, како и потенцијалот со кој располага нашата земја во однос на човечкиот капитал и извори за финасирање Агенцијата и Здружението организира два настани InsurHack I InsirTech.
Деновиве се одржа првиот хакатон од областа на осигурувањето – InsurHack Скопје 2019. На настанот настапија вкупно 16 учесници во 5 тимови кои работеа на теми од осигурувањето.
Веќе утре ќе се одржи вториот настан на кој стартап компании ќе презентираат дигитални решенија во функција на подобрување на процесите во осигурителната индустрија, а реномирани говорници ќе се обратат на конференцијата.

Сподели!
- Advertisement -