Со 1 милион евра ќе се враќа автентичниот изглед на Старата Скопска Чаршија

- Advertisement -

Со над 1 милион евра ќе се враќа автентичниот изглед на Старата Скопска Чаршија. Со проектот ќе се конзервираат и санираат излозите на дуќаните, а ќе се обнови и калдрмата. Враќањето на автентичноста на чаршијата треба да ја зголеми нејзината атрактивност, што според очекувањата ќе привлече повеќе туристи.
“Проектот што е финансиран од страна на Министерството за економија би требало да заврши во текот на оваа година, бидејќи нема некои големи зафати, а што се однесува до проектот што го реализираме во соработка со Светска Банка би требало да почне наредната година на почетокот и во текот на наредната година да се заокружи целосно проектот што се однесува на Старата Скопска Чаршија”, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
За конзервација, адаптација и санација на излозите во Старата Скопска Чаршија се обезбедени речиси 160 илјади евра преку Министерството за економија, а околу 33 илјади евра се од касата на Општина Чаир. За обнова на калдрмата, пак, парите се заем од Светска Банка.
“Ова е трета фаза, бидејќи веќе ги завршивме двете фази заедно со еснафот на Чаршијата и Министерството за економија. Третата фаза, како проект, опфаќа 97 дуќани. А наредниот проект што го имаме заедно со Светска Банка опфаќа менување на калдрмата, а исто така ќе бидат опфатени и тие излози кои што нема да успееме да ги опфатиме со проектот со Министерството за економија”, изјави Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.
Од постоечките 115 локали во чаршијата, стариот изглед ќе се врати кај 97 од нив, кои што се под надлежност на Општина Чаир. За останатите дуќани се грижи Општина Центар, од каде велат дека доделените пари за таа намена не им се доволни.
“Под ингеренции на Општина Центар за враќање на автентичноста на излозите се 18 дуќани и за таа цел, општината доби 1.800.000 денари, односно по 100.000 денари од дуќан. Поради ниските средства, Општина Центар ја стпопираше постапката на неопределено време, до конечно утврдување на цената на чинење на целокупниот проект за реконструкција на излозите”, објаснуваат од Општина Центар.
Инаку, за враќање на стариот изглед на 97-те дуќани во Скопската Чаршија е задолжена фирмата “Конструктор”, што била единствен апликант на тендерот на Општина Чаир.

Сподели!
- Advertisement -