Со конкретни мерки ќе се адресира сивата економија во е-трговијата. Со скенирање на пратките и технолошко поврзување на електронските продавници со Управата за јавни приходи, ќе се подобри контролата во дигиталната трговија.
Исто така, ќе се отвори е-платформа на која граѓаните ќе можат да ги пријавуваат сите оние кои вршат нерегистрирана е-трговија.
Ова беа дел од заклучоците на работната средба во организација на Министерството за финансии и Асоцијацијата за е-трговија за сузбивање на сивата економија, на која присуствуваа министерката за финансии Нина Ангеловска, како и директорите на царинската, даночната управа и финансиската полиција – Ѓоко Танасоски, Сања Лукаревска и Арафат Муареми, како и преставници на бизнис секторот.
Ангеловска рече дека ќе следат засилени контроли кај оние субјекти кои воопшто не се регистрирани, како и дека ќе се изработи акциски план во кој ќе се дефинираат сите чекори за да се испорачаат максимални резултати, за што има поддршка и од Германското друштво за интернационална соработка (ГИС).
Министерката за финансии рече дека со мерките кои ќе се преземаат ќе се заштитат оние компании кои работат легално и плаќаат давачки, но ќе се заштитат и интересите на потрошувачите.
– Кога зборуваме за нерегистрирана дејност, потребен ни е холистички пристап. Владата да биде партнер со бизнисот, но и самите институции да се поврзат меѓу себе. Затоа ќе формираме работна група на оваа тема. Затоа што производите влегуваат на пазарот има некој кој ги продава нерегистрирано, на социјални мрежи. На крајот го имате купувачот кој му е испорачан производот за кој не добива фискална сметка. Ако не е задоволен поднесува жалба до Државниот пазарен инспекторат, но оттаму му велат дека не можат да постапат по Законот за заштита на потрошувачи бидејќи немаат фискална сметка – рече Ангеловска.
Директорката на Управата за јавни приходи рече дека со проектот МојДДВ пријавите против случаи од сивата економија се зголемиле за 100% на дневна основа во однос на лани. Таа посочи дека Управата врши редовни контроли и дека работи на сузбивање на сивата економија.
Согласно најновите податоци од Асоцијацијата за електронска трговија обемот на плаќање со картички кај електронски продавници пораснал за 26%, односно изнесува 86 милиони евра во првото полугодие од годинава. Од друга страна во легалната електронска трговија плаќањето на врата учествува со 70%-80%.
Министерката посочи дека овие бројки покажуваат дека електронската трговија е во пораст. Субјектите кои работат надвор од системот се проценуваат на околу 30%. Со решавање на сивата економија освен подобрување на приходите во државната каса, ќе се подобрат условите за работа за оние компании кои работат според законот.