Италијанско-американскиот производител на автомобили Fiat-Chrysler и француски PSA, сопственик на Peugeot, преговараат за спојување со кое би настанал гигант вреден 50 милијарди долари, кој ќе може да се фати во костец со скапите технолошки и регулаторни предизвици.
Двете групации одделно соопштија дека преговараат за создавање на компанија која би била еден од најголемите производители на автомобили во светот. Компаниите моментално се присилени да инвестираат во електрификација, намалување на емисијата на штетни гасови и нови технологии за високо автоматизирано возење. Паралелно со тоа ги мачи и послабата побарувачка.
За да се пронајде одговор на тие предизвици, во FCA во првата половина од годинава се водеше расправа за можноста за спојување со Peugeot, за потоа сепак управата да предложи спојување со Renault вредно 35 милијарди долари, проценувајќи дека тоа би им донело поголема корист. Во јуни годинава претседателот на италијанско-американската компанија, Џон Елкан, ги прекина преговорите со Renault по интервенција на претставници од француската влада, кои бараа од француската компанија прво да ги реши проблемите во односите со јапонскиот партнер Nissan.
Француската држава има 12% удел во PSA преку државната банка BPI, а сопственички удели имаат и семеството Пежо и кинеската влада. Присуството на Кина во ова спојување може да претставува проблем за САД со оглед на моменталната трговска тензија меѓу Кина и САД, пренесува Reuters.