Четврт милион македонски државјани мигрирале во ЕУ последниве 10 години

- Advertisement -

258 илјади македонски државјани, или околу 12% од популацијата, мигрирале во некои од земјите на Европската Унија во периодот од 2008 до 2018 година, покажува нова студија на Институтот за европски политики на Косово, пренесува Радио МОФ.

Студијата го мери мигрирањето на граѓаните од земјите на Западен Балкан преку збир од три критериуми: бројот на апликации за азил кои граѓаните ги поднеле по прв пат, државјани кои биле затекнати со нелегален престој во ЕУ и дозволи за престој во ЕУ по прв пат.

- Advertisement -

Според податоците, Северна Македонија се наоѓа на третото место според бројот на државјани кои мигрирале во ЕУ како процент од населението во земјата. Албанија е убедливо на првото место со дури 44% од нејзината популација која мигрирала последната деценија, по што следува Косово со 30% од населението. Сличен број со С.Македонија имаат Босна и Херцеговина (9%) и Србија (8% од населението), додека најмалку во ЕУ мигрирале државјаните на Црна Гора.

Од Институтот за европски политики на Косово посочуваат дека податоците мора да се земаат со одредена резерва поради проблемите да се опфати целосната бројка на миграцијата кај земјите од Западен Балкан.

- Advertisement -

Во конкретни бројки, вкупно 2,98 милиони државјани мигрирале во ЕУ од овие шест држави од Западен Балкан. Најмногу мигрирале државјани на Албанија (1,25 милиони), по што следуваат Србија (589 илјади) и Косово (530 илјади). Од Босна и Херцеговина во ЕУ мигрирале 318 илјади државјани, 258 илјади од С.Македонија и 36 илјади од Црна Гора.

Најголем број на државјани на С. Македонија мигрирале во ЕУ во 2018 година (нешто над 33 илјади граѓани), а најмал број бил регистриран во 2009 година (скоро 18 илјади граѓани). Најголем број од оние кои мигрирале од земјава последнава деценија тоа го направиле преку дозвола за престој, нешто преку 158 илјади граѓани.

- Advertisement -

(Извор – www.radiomof.mk)

Сподели!
- Advertisement -