Законот за субвенционирање на придонеси за задолжително социјално осигурување поради покачување на плати е на сила. Овој закон важи за сите вработени во јавниот сектор и за сите компании. Нема ограничувања за компаниите колку би можеле да ги покачат платите, но субенционирањето од страна на државата се однесува за покачување од 600 до 6 000денари.
„Во буџетот за 2020 година се обезбедени 2, 4 милијарди денари кои што се во буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Очекуваме дека од 20-25 % од вработените наредната година би требло да ја искористат оваа мерка“, изјави Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.
Субвенционирањето на придонесите за зголемување на платите почнува да се применува со исплата на платите за октомври 2019-та одина, а ќе се применува заклучно со 31.10.2022 година. За исплатените плати за 2019-та година работодавачот кој бара субвенционирање на придонесите треба да поднесе исправки за лицата кои имаат зголемување на платите со користење на шифрата за субвенционирање. Износот за субвенционирање на октомвриската плата 2019-та година, по поднесената исправка ќе биде реализиран како автоматски поврат со платата за наредниот месец.
„Земени се предвид и исплатите на минималната плата за кои придонесите се плаќаат до најниската основица за пресметка на придонесите. На пример при зголемување на плата од 12, 500 денари на 14, 500 денари иако се пресметуваат и плаќаат исти придонеси, сепак предвидено е субвенционирање на придонесите на работодавачите пресметана на разликата при зголемување на платите“, истакна Сања Лукаревска, директорка на УЈП.
.