Преку апликација на „Макам Транс“, транспортерите можат да пријават ако им се бара мито, корупција и транспорт на мигранти

- Advertisement -

Да се разменат информации за застој, забрана или отежнато движење на патиштата, да се пријави мито и корупција или нелегални мигранти, но најважно, да се иницира соработка и размена на информации помеѓу возачите и превозниците се главните цели на апликацијата на асоцијацијата на превозници „Макам Транс“, изработена како дел од проектот на УСАИД за Развој на деловниот екосистем. Долгогодишното искуство во транспортниот сектор, асоцијацијата „Макам Транс“ го преточи во мобилна и во веб верзија на апликација, која по нивните инструкции ја изработи „Дигитал Презент“, агенција која има големо искуство во изработка на веб, мобилни апликации, 2D/3D анимации, брендинг и маркетинг.

Билјана Муратовска, генерален секретар на транспортната асоцијација, во интервју за „Иновативност“ нагласува дека со развојот на апликацијата на превозните трговски друштва им се овозможува поголема флексибилност и ефикасност во секојдневната работа, како и поголема заштита од незаконски дејствија.

- Advertisement -

Г-ѓа Муратовска, може ли подетално да ни објасните кои се функциите на апликацијата на „Макам Транс“?

Деловниот екосистем изработи мобилна и веб апликација, со цел да се овозможи подобрување и збогатување на комуникацијата меѓу асоцијацијата и членките. Ова се овозможува преку воведување на нова функција на постојната веб страната во вид на „online chat“ како и овозможување директна комуникација меѓу членките преку форум, кој е достапен за користење од страна на сите членки. Ова е всушност единствената разлика меѓу мобилната и веб апликација. Останатите три дела, пријави и провери застој на патиштата, пријави мито и корупција и пријави мигранти се делови кои ги содржат и веб и мобилната апликација.

- Advertisement -

Во делот пријави и провери застој на патиштата, возачите и превозниците може да се информираат за сите најнови состојби на патиштата (забрани за движење, отежнат сообраќај и слично), според објавените информации од локалните надлежни институции, но и информации од државите во Европа. Овој дел е посебно интересен бидејќи овозможува возачите сами од терен да известуваат за застои и проблеми по главните транспортни коридори каде што се движат и сето тоа со цел подобро планирање на транспортните операции на секој што ја следи апликацијата. Досега, возачите меѓусебното информирање го правea на повеќе Фејсбук групи, а сега со нашата апликација имаат можност поефикасно и побрзо да си помогнат еден на друг и да ја подобрат својата ефикасност со подобро планирани транспортни операции.

Во делот пријави мито и корупција секој корисник на апликацијата анонимно може да пријави корупција на гранични премини, по транспортни коридори или во било која државна институција во државата и надвор од нејзините граници. Во овој дел е многу важно пријавата да се направи во моментот на настанување на ситуацијата. Анонимноста и дискрецијата која ја нудиме на корисниците на апликацијата на „Макам Транс“ е важен услов за граѓаните да се охрабрат и да се борат против мито и корупција во државата и надвор од нејзините граници. Оној кој пријавува сам одлучува дали сака да биде контактиран со тоа што ќе остави телефонски број и генералии во делот за опис на настанот. Извештаите кои ќе се добиваат од апликацијата и ќе се доставуваат до надлежните органи треба да иницираат активности со кои ќе се сузбијат негативните појави со наплата на мито во пријавените институции.

- Advertisement -

Апликацијата овозможува и пријава на присуство на мигранти во товарниот простор на возилата или доколку се забележи нивно нелегално превезување и движење во близина на граничните премини, за да можат надлежните органи да интервенираат во кординација со сите останати координативни центри на другите држави. Во вакви ситуации најчесто на удар се превозниците кои претрпуваат големи финансиски штети поради мигрантите кои нелегално влегуваат во товарниот простор на возилата. На овој начин се обидуваме да иницираме поголеми активности за сместување на мигрантите во кампови, но и правиме обид за борба против нестандардните мерки кои се спроведуваат кон превозниците од страна на одредени држави што изрекуваат казни за нарушен царински простор. Oсобено, овде би ја издвоиле Хрватска како држава која спроведува најтешка нестандардна мерка со изрекување на високи глоби за нарушен царински простор иако ниту возачот, ниту превозникот не се виновни за настанатата ситуација. Доказ за тоа е записникот од пограничната полиција, која по спроведените истражни постапки ги ослободува и возачот и возилото.

Од каде идејата да се создаде една ваква алатка која секој може да ја користи?

Идејата за апликацијата е резултат на долгогодишното искуство на асоцијацијата во работата со превозниците и на нивните потреби, кои во овој случај се сумирани во една алатка која треба да им помогне во развојот на нивните трговски друштва. Генерално, наменета е за сите превозници, но и за сите граѓани. Постои еден дел од веб апликацијата (постави прашање – добиј одговор) кој е наменет само за членките на асоцијацијата, додека делот со пријави мито и корупција може да го користи секој граѓанин кој сака да пријави коруптивни дејствија.

Веб апликацијата е прикачена на нашата веб страна www.makamtrans.org.mk, а за користење на делот постави прашање – добиј, одговор корисникот мора да биде најавен со корисничко име и лозинка кое го има секоја членка на асоцијацијата. Останатите делови од веб апликацијата се слободни за користење за секој кој ќе ја посети нашата веб страна.

Мобилната апликација е достапна на Play Store и на App Store и може да се преземе од следниот линк shorturl.at/mprIR. За употреба на бенефитите на апликацијата, потребна е регистрација на корисникот со својата мејл адреса.

Кои се бенефитите за транспортерите и другите учесници во сообраќајот од употребата на оваа апликација?

Со развојот на апликацијата се овозможува поголема флексибилност и ефикасност на превозните трговски друштва и нивна поголема заштита од незаконски дејствија. Можноста за добивање информации за застои на гранични премини, застои поради штрајк или сообраќајна незгода, како и лоши временски услови им овозможува на превозниците подобро планирање на транспортните операции со наоѓање на алтернативни патишта, односно поголема флексибилност и ефикасност во извршување на својата дејност, а со тоа помали трошоци и поголема ликвидност на друштвото.

Борбата против митото и корупцијата, сега е возможна преку мобилната и веб апликацијата, особено што дава можност за анонимна пријава. Податоците од пријавите во реално време пристигнуваат во Асоцијацијата и преку директен линк стасуваат и во Националниот координативен центар за гранично управување, со кој имаме потпишан Меморандум за соработка. Апликацијата овозможува следен чекор да биде и регионална соработка со други здруженија на превозници од регионот, со што оваа борба би имала многу поголем успех во надминување на заедничкиот проблем кој го имаат превозниците во Југоисточна  Европа.

Колку време е во функција апликацијата и колку корисници има досега?

Веб апликацијата беше пуштена во текот на јули, додека мобилната верзија за App Store на крајот на септември. На веб апликацијата, засега има над 2.110 корисници, додека мобилната апликација досега ја имаат преземено околу 200 корисници.

Сподели!
- Advertisement -