„Создавај уметност, а не ѓубре“ – натпревар за изработка на уметнички дела од отпад

- Advertisement -

Компанијата „Пакомак“ организира натпревар на кој најдобрите уметнички дела создадени од отпад ќе бидат наградени со паричен надомест.

Наградниот конкурс е отворен сите – возрасни и деца, а приложените дела ќе се натпреваруваат во три категории: 1) градинки, 2) основни училишта, 3) поединци и други организации. За секоја од категориите предвидени се по три парични награди – за прво (30.000 денари), второ (20.000 денари) и за трето место (10.000 денари).

- Advertisement -

За да учествуваат во конкурсот, пријавените дела е потребно да бидат изработени од минимум 10 парчиња амбалажен отпад од ист или од различен тип на амбалажа, а да не бидат повисоки од 150 см. Под амбалажен отпад се подразбираат: лименки, пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, ќеси од чипс, обвивки и слично. Еден учесник може да пријави и повеќе од едно дело, но не може да освои повеќе од една награда.

Учеството на конкурсот се пријавува на денот на поднесување на делото и не е потребна претходна апликација за апликантот да влезе во изборот. Меѓутоа, од Пакомак повикуваат на почитување на роковите за пријавување. Делата треба да бидат доставени на 14 и 15 декември, од 12 до 19 часот, како и на 16 декември, од 12 до 14 часот во Кинотека на Северна Македонија.

- Advertisement -

Наградените дела ќе бидат објавени на веб-страницата на Пакомак на 16 декември и ќе останат во сопственост на компанијата. Недобитните дела ќе може да се подигнат на 17  и 18 декември, од 14 до 19 часот.

„Сакаме да ги поттикнеме учесниците дека со волја, вештина и сосема малку или без воопшто вложени финансиски средства може да креираат нешто конкретно, функционално и убаво, а притоа да освојат вредни награди и да го добијат статусот на еколошки-ангажиран уметник“, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.

- Advertisement -

Пакомак очекува голем број на пријавени дела, но истовремено се надева дека со организирањето на овој конкурс ќе успее да го подигне нивото на свест околу рециклирањето и подоброто управување со амбалажен отпад.

Сподели!
- Advertisement -