Креирате содржина и веднаш ја споделувате? Голем е ризикот за кражба. IPrio дава брз доказ за авторство!

- Advertisement -

Деновиве, Катерина Смиљковиќ и Гого Рафајловски ја лансираа платформата IPrio – иновативно решение кое овозможува инстантен доказ за постоење на авторско дело. Во време кога создавањето дигитална содржина е полесно од кога било, докажувањето на моментот на нејзиното настанување останува сериозен предизвик. Фајловите може да се изменат, објавите да се избришат, а традиционалните механизми за заштита често се бавни и реактивни.

Со IPrio, креаторите имаат едноставен начин да обезбедат проверлив доказ за постоење токму во моментот на создавање. Платформата е дизајнирана да биде исклучително лесна за користење – ако знаете да прикачите фајл, знаете да го користите IPrio.

„Со IPrio сакаме да ја направиме заштитата на авторските права едноставна, достапна и веднаш применлива за секој креатор, стартап или компанија. Содржинита денес се создаваат и споделуваат побрзо од кога било – и првиот бран може да ве остави без доказ дека вие сте авторот. IPrio го надминува овој проблем со тоа што креира моментален, неспорен и меѓународно валиден доказ за сопственост, достапен за корисници од 182 земји!

- Advertisement -

Во продолжение, разговараме со основачите на идејата, технологијата и визијата зад оваа платформа – Кате и Гого

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Што претставува IPrio и кој проблем го решава?

Катерина: IPrio е дигитална платформа која овозможува инстантен и проверлив доказ за постоење на авторски дела во моментот на нивното создавање. Проблемот што го решаваме е многу практичен, но често занемарен: денес е лесно да се создаде содржина, но многу потешко е да се докаже кога точно е создадена. Во пракса, најголемиот дел од споровите не се околу тоа дали нешто е создадено, туку кој прв го создал и кога. Токму тука IPrio додава вредност.

Како дојде до идејата за платформата?

Гого: Во мојата работа во интелектуална сопственост, постојано гледам случаи каде што постои авторство, но нема доволен доказ. Тоа станува проблем дури кога ќе се појави конфликт, односно кога некој ќе го ископира и искористи делото.

- Advertisement -

Од технолошка перспектива, постојат алатки што можат да го решат ова, но најчесто се комплицирани или недостапни. Идејата беше да создадеме решение кое ќе ја спои правната релевантност со едноставно корисничко искуство.

Како функционира IPrio во пракса?

Катерина: Процесот е едноставен: корисникот прикачува фајл, и во истиот момент се генерира timestamp кој докажува дека конкретниот дигитален објект постоел во точно определен момент. Овој доказ е криптографски заштитен и проверлив, што значи дека не може да се измени или ретроактивно да се создаде. Во пракса, тоа создава сигурна временска референца која подоцна може да се користи како доказ.

Кои технологии стојат зад платформата?

Гого: Користиме комбинација од два независни механизми за timestamp: доверлив провајдер усогласен со eIDAS регулативата и blockchain timestamp. Оваа двојна структура ни овозможува да обезбедиме и правна релевантност и техничка сигурност. Со други зборови, не се потпираме на еден извор на вистина, туку на повеќе слоеви на верификација.

Како IPrio се вклопува во системот на авторски права?

Катерина: Важно е да се разбере дека IPrio не создава авторско право — тоа постои автоматски, со самото создавање на делото.

Она што IPrio го прави е да додава доказен слој: создава сигурен и проверлив доказ за постоење на делото во точно определен момент. Тој доказ не ја заменува правната рамка, туку ја зајакнува.

Во пракса, токму оваа временска компонента често е одлучувачка. Во многу спорови, клучното прашање не е дали делото постои, туку кој го создал прв и кога. Со IPrio, тој момент станува јасно дефиниран и подоцна проверлив.

Дали ваков доказ има правна тежина?

Гого: Да, ваквите докази може да имаат значајна улога, особено во спорови каде што се утврдува приоритет. Судовите, секако, не се потпираат на еден единствен доказ, туку на целокупен сет на факти и околности – вклучувајќи документи, комуникација, сведоштва и други релевантни елементи. Меѓутоа, timestamp доказите често играат клучна улога затоа што обезбедуваат објективна временска референца која е тешко да се оспори.

Токму оваа временска сигурност може значително да ја зајакне позицијата на авторот, особено во ситуации каде што постојат две или повеќе страни кои тврдат дека се први креатори.

Колку е платформата достапна за просечен корисник?

Катерина: Ова ни беше еден од главните приоритети од самиот почеток. Не сакавме да создадеме алатка која ќе биде разбирлива само за правници или технички лица, туку решение кое секој може да го користи без претходно знаење.

Целта ни беше да ја отстраниме комплексноста од процесот и да го сведеме на наједноставна можна акција. Во суштина, корисникот не треба да размислува за правни концепти или техничка позадина – системот го прави тоа во позадина. Ако знаете да прикачите фајл, знаете да користите IPrio.

Кои се главните придобивки за корисниците?

Гого: Главната придобивка е што доказот станува инстантен и проактивен, наместо реактивен. Наместо да се размислува за заштита дури кога ќе се појави проблем, корисниците можат да го обезбедат доказот во самиот момент на создавање.

Со ваков пристап, ризикот од спорови се намалува, а позицијата на авторот е значително посилна уште од самиот почеток. Наместо неизвесност, се создава јасна и проверлива временска референца.

Дополнително, ова им дава сигурност на корисниците да споделуваат и комерцијализираат своја содржина, знаејќи дека имаат доказен слој кој ги штити.

Кои се следните чекори и визијата за иднината?

Катерина: Платформата веќе е достапна глобално, но ова за нас е само почеток. Нашата визија е доказот за создавање да стане стандард – нешто што се случува автоматски, во моментот кога нешто се создава, без дополнителен напор од страна на корисникот. Како што денес е нормално да се зачува фајл, така сакаме да стане нормално и да се обезбеди доказ за неговото постоење.

Понатаму, гледаме простор IPrio да се развие и како алатка која не само што штити, туку и активно помага во управувањето со дигиталната вредност – од организација на содржина до нејзина комерцијализација.

На долг рок, целта ни е да придонесеме кон нов стандард во дигиталната економија, каде што доказот, сопственоста и вредноста на содржината се јасно дефинирани од самиот почеток.

- Advertisement -