За градовите да напредуваат потребен е нов бран иновации како технологија во транспортот која ќе овозможи урбана мобилност, помалку сообраќаен метеж и подобра енергетска ефикасност, се разбира со намалена емисија на стакленички гасови. Тоа го изјави извршниот директор на Qatar Investment Authority при потпишувањето на договорот со Volkswagen за проектот кој ќе донесе револуција на патиштата во Доха. Имено, на проектот заедно ќе работат VW и QIA, а дфо 2022 година треба да резултира со целосно автоматизиран јавен превоз во градот.
Со договорот се опфатени четири брендови на Volkswagen групацијата: комерцијалните возила на Volkswagen, Scania, сервисот за споделување превоз MOIA и подружницата на Audi, Autonomous Intelligent Driving (AID). Овие компании треба да развијат систем за јавен транспорт кој ќе ги вклучува електричните автономни возила на VW, ID Buzz и автономните автобуси на Scaniа, како и потребната инфраструктура и софтверот потребен за стартување таков комерцијален сервис, при што автономните возила би требало да бидат интегрирани во останатиот јавен превоз.
За две години отсега во Доха треба да возат 35 35 автономни електрични возила ID Buzz во кои ќе може да се превезуваат четири патници и уште десет автобуси на Scania кои ќе превезуваат поголеми групи на луѓе. Автономните возила ќе се движат на ограничен простор, а првите затворени тестирања стартуваат веќе идната година, а во 2021 година треба да почнат првите тестирања во реални услови, односно по улиците на Доха.
Моментално не е познато дали на возачкото седиште во автомобилите и автобусите ќе седи возач кој ќе реагира во случај на грешка. Ако сите тестирања поминат добро, до крајот на 2022 година ќе почне официјалниот проект за автономен јавен превоз во Доха.