Македонските граѓани сѐ повеќе купуваат онлајн, но и отвораат онлајн продавници, а доказ за ова е порастот кој се бележи по бројот на трансакции, порастот по вредноста на трансакции, но и порастот по бројот на уреди на виртуелни места на продажба.
Според податоците кои ги објави Народна Банка, во текот на првите девет месеци од 2019 година, реализирани се вкупно 4.611.964 онлајн трансакции, наспроти 3.783.185 онлајн трансакции во истиот анализиран период во 2018 година, што претставува раст за 828.779 онлајн трансакции односно, пораст од 21,9 отсто.
Вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во текот на првите девет месеци од 2019 година, пак, изнесува 124,2 милиони евра, наспроти 99,1 милиони евра во истиот период во 2018 година. Ова значи дека вредноста на онлајн трансакциите се зголемила за 25,1 милиони евра, односно за 25,3отсто.
Дека е-трговијата е во вистински подем говори и фактот што не само растат трансакциите и нивната вредност, туку има зголемување и кај бројот на уреди на виртуелните места на продажба, односно бројот на новоотворени е-продавници. Во моментов се активни 968 веб страници за е-трговија. Станува збор за активни и регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги во моментов. На крајот на претходната 2018 година имало 871 активни виртуелните места на продажба, што значи дека за период од 9 месеци во 2019 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 127 новоотворени, или за 14 нови е-продавници месечно во просек.
(instore.mk)