Македонија се наоѓа на 106 место, од вкупно 180 светски држави според последниот Индекс на перцепција на корупција на Транспаренси Интернешнал за 2019 година, што претставува влошување на ситуацијата и пад од 13 места во споредба со минатогодишното рангирање, кога земјата беше на 93-тото место во светот.
106-тото место, земјава го дели со Египет, Алжир, Албанија, Брегот на Слоновата Коска и Монголија.
Според новиот извештај, С. Македонија и Албанија се најлоши во регионот, додека од државите во континентална Европа единствено полоши се Украина, Молдавија и Русија. Земјава, од можни 100 поени добила само 35, што претставува два поени помалку од ланското рангирање.
За споредба, во регионот на Западниот Балкан, најмала перцепција за корупција имаат граѓаните на Словенија (35 место), по што следуваат Хрватска (63 место) и Црна Гора (66 место). Пред С. Македонија се наоѓаат и Србија (91), како и Босна и Херцеговина и Косово (го делат 101 место).
Индексот за перцепција на корупција ги рангира државите според перцепираните нивоа на корупција во јавниот сектор според експерти и луѓе од бизнисот. Анализата од овогодишниот извештај покажува дека корупцијата е поприсутна во државите каде можат слободно да се движат големи финансиски средства во изборните кампањи и каде владите ги слушаат мислењата само на богатите и луѓето кои имаат добри врски со носителите на власта.
Данска, Нов Зеланд, Финска, Швајцарија и Сингапур се петте најмалку корумпирани држави за минатата 2019 година, додека како најкорумпирани, Индексот на Транспаренси Интернешнал ги посочува Авганистан, Јемен, Сирија, Јужен Судан и Сомалија.
Најголемо подобрување во споредба со 2018 година забележале Грција, Гвајана и Естонија, додека најголем пад имаат Канада, Никарагва и Австралија.