Бумбарите, едни од најбитните опрашувачи во природата, моментално се загрозени затоа што нивниот број драстично опаѓа. Според податоците на ново истражување, овие инсекти многу поретко се сретнуваат во природата отколку порано, а во Северна Анерика ги има двојно помалку во однос на 1974 година. Тие се специјализирани за разнесување полен и оплодување на многу видови билки, меѓу кои и земјоделските посеви како што се доматите, боровницата и тиквичките.
Неколку некогаш чести видови бумбари исчезнаа од многу региони во светот и станаа локално истребени.
Во новата студија објавена во списанието Science истражувачите користеле сложен процес за да утврдат дали за опаѓањето на бројот на бумбари се виновни климатските промени. Тие утврдиле дека во подрачјата кои последните години станале потопли или каде што се забележани екстремни промени на температурата бунарите ги има во помал број. Во Европа нивниот број се намалил за 17% во однос на почетокот на 20 век.
Според научниците, климатскиот хаос е главниот виновник за опаѓањето на бројот на бумбари. Тие велат дека падот е поврзан со тоа дека бумбарите биле приморани да трпат температури на кои претходно не биле навикнати. Одамна е познато дека на бумбарите повеќе им одговара поладно време затоа што имаат способност да произведат топлина во текот на летањето, па затоа се и првите инсекти кои се појавуваат напролет.
..