Kia покажува дека има сериозни намери и планови кога станува збор за електричните автомобили. Автономијата од 500 километри и супербрзото полнење на батеријата од 350 kW се само дел од ставките кои овој автомобил ќе го направат сериозен конкурент на веќе етаблираните имиња во индустријата, а за таа цел јужнокорејската компанија ќе соработува со хрватскaта иновативна компанија Rimac Automobili.
Идниот автомобил на Kia ќе се базира на концептот Imagine, којшто јужнокорејската фирма го претстави на минатогодишниот Саем во Женева. Шефот за планирање на производи, Пабло Мартинез Масип, истакна дека “Kia ќе има 800 V технологија како Porsche Taycan и дека посакуваат производ кој ќе може да ги искористи предностите на нивната IONITY мрежа на полначи кои овозможуваат полнење до 350 kW“.
Во Kia планираат да започнат соработка со Rimac за производството на својот нов електричен автомобил со високи перформанси. Знаејќи го фактот дека Porsche за Taycan ја користи напредната технологија од 800 V, а има соработка со Rimac, се очекува хрватската компанија истата технологија да ја испорачува и до Kia.
Говорејќи за блиската иднина, треба да се напомене дека Kia својот производен “топ модел“ заснован на Imagine концептот планира да го лансира во 2021 година. Возилото освен исклучителен домет и опции за супербрзо полнење ќе има и исклучителни перформанси, слично како и кај најдобрите автомобили на Tesla.
Kia до 2025 година планира да лансира 11 нови електрични автомобили, а производната верзија на Imagine концептот е првиот чекор во таа насока.
Преземено од Avtoplus.mk