Климатските промени до 2100 година може да ги убијат сите корални гребени на Земјата, покажа едно ново истражување кое го спроведоа САД. Се очекува дека 70%-90% од сите корални гребени ќе исчезнат во текот на наредните 20 години поради затоплувањето на океаните, закиселувањето на морињата и загадувањето, велат научниците од Универзитетот Хаваи во Манои.
Некои активисти за заштита на животната средина и научниците работат на обнова на коралните гребени. Тие ги одгледуваат во лаборатории, па ги враќаат во морето за да се обидат да ги оживеат. Но, тоа можеби нема да биде доволно за спас на коралните гребени, предупредуваат научниците.
Во рамките на новата студија направени се мапи на океаните со точните локации кои би биле најпогодни за тој начин на обнова на гребените имајќи ги предвид факторите како киселоста и температурата на водата, густината на човечките населби и интензитетот на ловот.
После проучувањето на светските океани, научниците дошле до заклучокот дека до 2100 година нема да остане ниеден корален гребен. Најголем дел од океаните каде што живеат коралите нема да бидат погодни за живот до 2045 година и животната средина ќе се влошува до 2100 година, покажуваат симулациските модели на научниците.
Како што велат тие, постојат само неколку локации на кои до 2100 година би можеле да се обноват коралните гребени како што се делови од брегот на Калифорнија и Црвеното Море, но дури ни тие не се идеална средина за коралите поради близината до реките.
Загадувањето кое го прави човекот придонесува за проблемот, но не е главната причина за изумирањето на коралите. Научниците велат дека треба да продолжиме со чистењето на бреговите и со борбата против загадувањето, но борбата против климатските промени е она на што најмногу треба да се фокусираме за да ги заштитиме коралите.
Уништувањето на коралните гребени ќе има разорни последици по човештвото. Речиси милијарда луѓе во светот зависат од нив како главен извор на белковини, а коралните гребени ги штитат и крајбрежните појаси и инфраструктурата, што значи дека нивното исчезнување ќе ја загрози и безбедноста и опстанокот на крајбрежните населби.