„Блум“ (Bloom) е нов македонски бренд на козметика! Рачно изработените, природни и вегански козметички производи се дело на две девојки, Андријана Васиќ и Бисера Крстевска. Иако по професија се правник и економист, желбата да експериментираат со природната козметика била голема, па првите производи ги направиле уште пред три години.
Официјалното производство на брендот Bloom го почнале лани во октомври и сите производи: креми, сапуни, балзами и дезодоранси, се изработени од органски базни и есенцијални масла. Во нив нема продукти од животинско потекло, што за Андријана и Бисера било многу важно. Андријана, за „Иновaтивност“ раскажува дека нивниот бизнис ќе го градат на еколошки и одржливи основи. За првпат на нашиот пазар се појави можноста производите да се набават по пониска цена, доколку се врати стаклената амбалажа.
Разговараше – Сања Наумовска
Андријана, од каде дојде идејата да започнете да правите веганска органска козметика?
Отсекогаш се интересирав за процесот на правење сапуни, креми и за комбинирање на масла и различни билки. Кога бев мала ја гледав баба ми како во домашни услови подготвува сапуни и никако не можев да го разберам процесот, па сето тоа ми изгледаше толку фасцинантно и магично. Меѓутоа моментот кога јас се решив да почнам да правам козметика и да експериментирам на тоа поле беше кога мене ми беше потребна таква козметика, а не можев да најдам никаде, барем не по пристапни цени. Идејата дојде во разговор со Бисера, моја другарка со која денес заедно го создаваме брендот Bloom . Почнавме да истражуваме на ова поле и да испробуваме рецепти. Oние што ги знам од баба ми не можевме многу да ги користиме заради тоа што поголемиот дел вклучуваат свинска маст во нив, а нас целта ни беше козметиката да не содржи никакви состојки што потекнуваат од животни. Сепак, некои од рецептите успеавме да ги адаптираме на она што нам ни треба. Како резултат на тоа во моментов под брендот Bloom имаме околу десет видови производи, сапуни со различни својства, балзами за усни, дезодоранси и крема за лице.
Што е иновативноста на Bloom? Што ја разликувата од другата органска козметика кај нас?
Кога почна да се раѓа Bloom, најважно беше производите да бидат вегански и сите состојки да се природни. Тоа значи дека производите не содржат палмино масло, немаат презервативи и пакувањата не содржи никаква пластика. За добивање на боја и мирис на производите не користиме вештачки парфеми ниту бои, мирисот го добиваме од чисти есенцијални масла, а боите од зачини и билки.
Се обидуваме максимално да внимаваме на природата и што е можно помалку отпад да создаваме, па затоа и го смислив концептот на враќање на тегличките. Дел од производите кои се пакувани во стаклена амбалажа, добиваат попуст за враќање на тегличката при наредното купување.
Каде може да се најде Bloom козметиката?
Во моментот активна е нашата интернет продавница, а производите може да се видат на нашата Фејсбук страна (@bloom.natural) и на Инстаграм (bloom.mk), а во изработка е и веб страната. Вршиме достава до сите градови на Македонија. Производите се наменети за сите, без разлика на пол и возраст, предност на природната козметика е што можат да ја користат сите возрасни групи. Луѓето се сѐ позаинтересирани за користење природни и здрави производи, сѐ повеќе и повеќе внимаваат што ставаат во и на своето тело. Поголем интерес имаме од жените, меѓутоа и бројката на мажите кои ја бараат Bloom козметика не е за потценување, што според мене е прекрасно.
Се движиме во насока на враќање кон природата, како што правеле нашите претци, користиме нешта кои, не само што се добри за нашето здравје и кожа, туку и ја чуваат животната средина.
Дали на нашиот пазар има купувачи кои се подготвени да платат поскапо за да добијат квалитетен еколошки производ?
Има секако, верувам во тоа. Ако посветиме внимание и ги разгледаме и споредиме нештата, може да забележиме дека козметиката која не е природна, често знае да биде и доста поскапа од природната, која не содржи никакви хемикалии. Предност на нашите производи е што траат доста долго. На пример, еден балзам за усни може да го користите два месеци, што сметам дека е доста исплатливо, со оглед на квалитетот кој се добива. Внимавам цените да бидат што подостапни, за секој да може да си ги дозволи производите, затоа што целта ни е преку Bloom да шириме љубов, здравје и подигнување на свесноста кај луѓето, да поттикнуваме и бодриме свесно кознумирање, намалување на отпад, заштита на природата и животните. Да создадеме едно мало катче каде преку дела ќе се бориме за подобра иднина на нашата планета Земја.
Кои се вашите планови за иднина, во кој правец ќе се развиваат вашите продукти?
Планираме да продолжиме да создаваме продукти за сите потрошувачки групи, што значи и повеќе видови на производи, и секако ќе ги зголемуваме количините во зависност од побарувачката на пазарот. Веќе работиме на создавање на нова линија која со себе има продукти какви што досега сме немале, заради што сум пресреќна и многу возбудена и едвај чекам да ја споделам со сите.