Мобилна апликација со која корисниците можат да ги тестираат очите на новороденчињата може да биде ефикасен и евтин начин за спасување илјадници животи, објавија научниците.
Жолтицата е проблем со црниот дроб кој предизвикува жолтило на кожата и на очите и е причина за 114.000 мртви новороденчиња во светот, како и за инвалидитет кај 178.000.
Три четвртини од случаите се во Јужна Азија и во Супсахарска Африка, што значи дека резултатите од студијата на научници од лондонски универзитет може да бидат од голема помош за здравствените работници во сиромашните делови од светот.
Во многу делови од светот медицинскиот персонал се потпира само на својот вид во откривањето на жолтицата. Секако дека тоа е несигурна метода. Новата метода со апликацијата прави многу прецизна проценка и гарантира дека сериозните случаи нема да поминат неоткриени.
Научниците ги чекаат резултатите од нова, поголема студија и уверени се дека со апликацијата можат да спасат илјадници животи. Жолтицата предизвикува превисоко ниво на билирубин, кој настанува со вообичаено разложување на црвените крвни клетки. Во најголем дел од случаите е безопасна, но во некои случаи токсинот во форма на билирубин може да дојде до мозокот и да предизвика смрт или церебрална парализa, оштетување на слухот и на видот.
На новороденчињата кои се заразени со жолтица им се испитува крвта во болница, но проблем е што многу случаи се појавуваат дополнително, кога децата ќе стигнат дома.
Во студијата на британските научници били фотографирани 37 новороденчиња на кои им била испитувана крвта поради сомнение на жолтица. Потоа фотографиите биле обработени за да се отстрани дисторзијата поради позадинската светлина и само по жолтилото на очите се предвидувало нивото на билирубин. Потоа резултатите биле споредени со резултатите од анализите на крвта. Алгоритмот точно ги идентификувал сите случаи кај кои било потребно лекување, а помалку бил успешен кај тие на кои не им требал третман.
Моментално е во тек тестирањето на апликацијата на 500 бебиња во Гана, Африка.