Една од најпознатите глобални компании за он-лајн финансиски услуги, Payoneer, четврта година по ред ги организираше Payoneer наградите за претприемништво, кои ги препознаваат најуспешните претприемачи и бизнисмени во целиот свет.
Од лепезата на вкупно 7 награди, наградата за најдобар претприемач, која оваа година припадна на Катерина Трајчевска – основач и CEO на стартап компанијата Adeva.
Во конкуренција од над 3500 апликации и над 120 земји од различни индустрии Катерина беше издвоена како најуспешен лидер и претприемач за 2020та година, за што доби признание од Payoneer.
Катерина веќе 5 години успешно ги руши сите предрасуди кога станува збор за глобален успех од мала држава. Заедно со својот бизнис партнер, во изминатите години таа ја изгради Адева, мрежа од над 500 девелопери и дизајнери кои работат со клиенти од целиот свет, меѓу кои спаѓаат и Fortune 500 компании.
„Катерина е инспиративен пример за силата, креативноста и истрајноста која е потребна за успехот на денешните бизнис лидери. Особено сум горд што гледам сѐ повеќе жени кои се препознаени за својот успех и очекувам овој број да расте на истиот начин како што расте нивното учество во дигиталната економија.“ – изјави Скот Галит, Генералниот Директор на Payoneer.
Адева е ексклузивна мрежа на таленти која ги поврзува најдобрите софтверски инженери и дизајнери со стартапи и водечки компании од целиот свет. Тимот на Адева е комплетно дистрибуиран и се состои од програмери и дизајнери во повеќе од 20 земји во светот.
Целта на Payoneer е да им обезбеди пристап до финансиски алатки на сите иднивидуалци во светот. Тие се редовни поддржувачи на претприемништвото, а наградата која ја доби Адева е доказ дека може да се успее без разлика на локацијата на која се наоѓа бизнисот.
„Сакам да ги инспирирам младите од целиот свет, а особено од Македонија и да бидам пример дека секој може да успее со силна желба, истрајност и фокус. Затоа сум активно вклучена во менторирање и различни иницијативи чија цел е да им помогнат на сите, без разлика на нивната позадина, да креираат свој успех.“ – вели Катерина.
„Како претставник на глобалното движење на Women in Tech во Македонија, редовно сум вклучена во организација на едукативни настани и програми кои им помагаат на жените полесно да стигнат до својата цел на професионалното поле. Се надевам дека наградата која ја добив од Payoneer ќе биде инспирација за сите претприемачи од нашата држава да целат уште повисоко и да ги поместат границите на глобалниот успех.“
Наградата од Payoneer за најуспешен претприемач, е уште една во низата на награди со кои Катерина и нејзиниот партнер во Адева го трасираат својот пат и поставуваат нов стандард во работењето со дистрибуирани тимови.