Глигор Дачевски: македонски DoXteam стана дел од глобалната мрежа на Alite International! Заедно ќе освоиме светски пазари!

- Advertisement -

Технолошкото окружување се менува многу брзо. Aрхитектурата на облак (Cloud architecture) брзо станува меинстрим иницијатива во многу организации. Интернетот на нештата (IOT- Internet of Things), вештачката интелигенција (AI – artificial intelligence) и свесноста за податоците исто така се движат во нагорна линија. Овозможување на персонализирано корисничко искуство како и автоматизација во постигнување на маркетинг резултати се само дел од трендовите кои ги поттикнуваат развојните стратегии на компаниите.

Окрупнувањето на компаниите и инвестирање во локални партнери не е ништо ново ниту непознато во светски рамки. Како дел од развојната стратегија на Алит Интернационал (Alite International), а  со цел обезбедување на поблиска соработка и консолидација со сите регионални канцеларии, минатиот месец македонската компанија Докс Тим стана дел од мрежата на оваа глобална компанија.

- Advertisement -

Докс Тим, како една од ИТ компаниите пионери во Македонија кои секогаш ги вклучуваат тековните трендови во креирање на решенија, сега иако под друго име уште повеќе ќе ја зацврсти својата позиција на пазарот на трудот.

Тесната соработка со нашите партнери со цел обезбедување индивидуализирани кориснички искуства за клиентите, доведе до следниот природен чекор, односно до спојување со нашиот долгогодишен клиент Алит Интернационал”, вели Глигор Дачевски, основач на Докс тим, а сега регионален директор во Скопје.

- Advertisement -

Оваа важна вест беше повод да разговараме со Дачевски за тоа што ќе значи спојувањето со глобален играч, што добива македонската ИТ индустрија …

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Како се одлучивте да влезете во ваков вид соработка со поголема компанија?

„Докс тим“ уште пред четири-пет години воспостави соработка со Влатко Котевски кој беше во „Алит“. Станува збор за компанија која повеќе нудеше ИТ сервис, а и недостасуваше развој, па така почнавме да соработуваме. Почнавме со еден проект кој се покажа успешен, соработката продолжи во 2016 година, кога речиси целата работа ја работевме за нивните клиенти, а тоа следеше и во следните години. Повеќе од 70 отсто од нашите вработени работеа заедно со „Алит“ за трети клиенти, со тоа што експертизата беше наша. Тоа е пресвртниот момент во кој и ние и Алит стигнавме до момент во кој сакавме да влеземе во повисока лига, да работиме со поголеми клиенти и да комуницираме со инвеститори и фондови кои би ни донеле поголем раст. Факт беше дека 70 отсто од бизнисот го работиме заедно, увидовме дека секој сам не може да се развива толку брзо и да оди високо како што би можеле заедно. Во тој момент бевме две посебни фирми со различни интереси во бизнисот, па ги согледавме можностите, дека ако сме заедно полесно ќе освоиме повеќе многу големи клиенти. Тогаш се донесе одлуката да се споиме.

До пред нас, Алит работеше во Шведска како ИТ поддршка на компаниите, а откако Докс тим влезе во соработката, тие почнаа да нудат софтверски решенија со технологија која е развиена кај нас. Тоа е моментот кога почна растот и ширењето на Алит во Европа и тоа беше еден од моментите да се иницира заедничката соработка. Во суштина настана спојување на две успешни компании, за да можат уште повеќе да напредуваат.

Бидејќи, ако имаме исти цели ќе бидеме поконкуртентни, поефикасни, со интегрирана понуда да постигнеме повеќе, а тоа кон клиентот дава голема флексибилност.

После спојувањето на што конкретно би работеле, кои проекти ви се во перспектива?

И тековните проекти ни се големи, но спојувањето ни ги зајакнува позициите кај најголемиот клиент, најголемата реосигурителна компанија во светот со седиште во Цирих. Сега полесно комуницираат со нас, а во меѓувреме истиснавме и еден од добавувачите и неговата позиција ќе ја добиеме ние.

Во вториот најголем проект, „Недерман“, продуктот што го работевме три години тие веќе го продаваат на клиенти и на пат сме да го дуплираме тимот што работи за нив.

Исто така, се отвора и нова перспектива, на пример во блокчејн технологијата. Зборуваме со клиент како неговото решение да го подобриме, да понудиме поголем сервис, а тоа можеме да го направиме заради тоа што сега двете компании се заедно, имаме повеќе луѓе со различен беграунд и експертиза и заради тоа можеме да понудиме подобри услуги.

Зборуваме и за продор во енергетската индустрија во Шведска. Ќе треба да работиме на решение секое семејство во Шведска да има пристап до софтвер преку кој може да избере од каде да си купи струја. Тое решение мора да е соодветно за голем број корисници, да биде врзано со стабилен билинг систем, а тој систем од една страна да е отворен, а истовремено и безбеден.

Со еден збор продолжуваме да бидеме максимално активни со тоа што сега функционираме многу полесно и подобро и целиме и кон сериозно големи клиенти.

Што овој позитивен пример на спојување значи на домашната ИТ сцена?

Во Македонија сме скептици дека приказната на спојување може да успее. Ова е пример дека со заедничка работа сме успеале да направиме нешто големо и да се споиме и да продолжиме заедно со друга компанија, а се уште да ја чувствуваме како наша.

Ова е уште еден чекор со кој ја демантираме убеденоста во нашата јавност дека „ортачката работа не ја бива“, иако јас никогаш така не сум размислувал. Докажуваме дека ова е еден од начините да се порасне, кој во светот го практикуваат поголеми и поуспешни компании и прават огромен успех. Се надевам дека ова ќе донесе уште вакви позитивни примери кај нас.

Новата Синергија

Алит е шведска компанија основана во Малме во 2015 година која денеска управува со мултимилионски бизнис. За период од само 5 години тие прераснале во организација со над 130 вработени и свои канцеларии во 5 земји. Две од канцелариите се развојни центри и тоа во Србија и во Македонија, додека трите бизнис единици се лоцирани во Шведска, Швајцарија и Англија.

Од скромните почетоци до денеска, во своето портфолио имаат голем број водечки глобални брендови за кои креирале решенија со кои го трансформирале нивниот аналоген бизнис и постигнале успешна дигитални трансформација.

Секогаш водени од целта “да им помогнат на другите да направат разлика” Алит се грижи подеднакво за своите вработени и клиенти третирајќи ги како свои партнери.

Извршниот Директор на Алит, Влатко Котевски изјави: “Јас лично сум пресреќен што Скопје стана наш дом. Сега веќе не сме клиенти, туку сме дома. Нашата цел преку ова зближување на сите тимови е да грабиме и да се движиме уште побрзо и посилно  кон остварување на нашите амбициозни планови за двојно зголемување на бизнисот во следните 3 години, при тоа испорачувајќи решенија со вистински бенефит за луѓето. Благодарни сме им на сите оние кои ни ја даваат својата безрезервна доверба, пред сè на колегите и секако на клиентите. Нивната доследност и приврзаност сите овие години беа од клучно значење за заедничкиот успех”.

Идни планови

Алит сакаат нивната иднина да ја градат врз нивното минато, бидејќи тие се компанија на која облакот и е природна средина и спроведуваат динамични бизнис трансформации. Покрај тоа што им помагаат на компаниите да пловат мирно во морето на дигитални трансформации, им помагаат исто така да станат вистински агилни и флексибилни избегнувајќи ги притоа вообичаените линеарни процеси. Едноставно, успеваат да направат поврзување на бизнис контекстот и технологиите, да идентификуваат можности и со тоа да креираат развој на бизнисот.

Дел од она за што се залагаат како компанија е родова еднаквост и инклузија како и да влијаат на намалување на загадување преку примена на соодветни мерки за рециклирање во сите нивни канцеларии, а исто така и преку поддршка на иницијативите за чистење на океаните од пластичен отпад.

 Со цел да се одбележи синергијата т.е да се одбележи официјалното отворање на канцеларијата во Скопје, беше организирана прослава со наслов ,,Подготвени за иднината”, како и промена на сигнализација на зградата со новото освежено лого на Алит кое ги отсликува компаниските вредности: иновативност, флуидност и динамичност.

Сподели!
- Advertisement -