Исланд е најдоброто место да се биде жена веќе 11 години по ред. Сега ќе се запрашате што е она што го прави Исланд, а не го прават другите земји? Во 2018 година Исланд стана првата земја во светот која со закон воведе еднакви плати за двата пола. На компаниите им беше наложено да изготват сертификати во кои се наведува дека мажите и жените примаат иста плата за слична работа.
И мајките и татковците имаат право на исто породилно отсуство, градинките се субвенционирани од државата. На тој начин им се помага на 86% од жените во Исланд да одат на работа.
Исланд има поставено и квота – 40% од одборите во компаниите треба да бидат жени. На национално ниво, 43% од одборите се жени, 38% од пратениците во парламентот се жени, а во 2017 година тој процент беше дури 48%.
Но, ситуацијата во Исланд не била отсекогаш ваква. Во 1975 година само тројца пратеници биле жени, а жените заработувале 60% пониска плата од мажите за слична работа. Затоа, 90% од жените покренале штрајк против нееднаквоста на половите.
Како резултат на тоа биле затворени училишта, фабрики, весници, а протестантките ја создале политичката партија Алијанса на жените. На првите наредни избори бројот на жени во парламентот се зголемил од 5% на 15%.
Исланд се уште има многу предизвици пред себе. И покрај законите, во земјата се уште има 16% економски јаз меѓу половите, иако тој јаз е најнискиот во светот.