Едвард Сноуден, една од најпознатите личности во светот, која е одговорна за протекувањето на информациите за шпионирањето во САД, неделава предупреди дека мора да мислиме на светот после кризата со корона вирусот и на опасните последици кои можеме да ги почувствуваме. Тој предупреди дека кога државите и владите ќе ја почувствуваат моќта која ја добиваат со надзорот и следењето на граѓаните, тие ќе сакаат да ја задржат таа моќ.
Следењето на локацијата на корисниците, камерите за препознавање лице базирани на вештачка интелигенција, термалните камери и апликациите за надзор се само од некои од начините на кои државите одлучија да стават крај на кршењето на мерките за карантин. Кратката суспензија на човечковите права може да продолжи и со месеци после кризата ако државите не сакаат да се одрекнат од моќта која ја добиле и за која имаат и поддршка од јавноста.
По завршувањето на пандемијата истите алатки можат да продолжат да ги користат на пример за борба против тероризмот, но освен за терористите, можат да ги искористат и за следење и шпионирање на државни непријатели и други неподобни личности.
Сноуден посебно предупредува на користењето на вештачката интелигенција во следењето на луѓето – кога вештачката интелигенција и препознавањето лице се користат кај надзорните камери, на државата и даваат неверојатна можност во секој момент да знае каде се наоѓа одредена личност. Денес може да се рече дека тоа е во ред затоа што на тој начин може да се провери дали луѓето се придржуваат до мерките за самоизолација, но критичарите овој вид на надзор бараат мерки со кои нема да се загросзи приватноста на луѓето кои не се во карантин.
Таквите системи базирани на вештачка интелигенција се многу ефикасни и Сноуден смета дека може да бидат закана по слободата на луѓето. Владите и државите веќе знаат што пребаруваме на интернет, знаат каде се движи нашиот телефон, сега ја знаат и брзината на срцевите отчукувања. Што ќе се случи кога ќе почнат да ги користат тие информации и да применуваат вештачка интелигенција на нив, прашува Сноуден. Според него, мерките кои се носат денес ќе бидат трајни, поради што е битно технологијата која се користи да биде пропорционална со секоја фаза од ширењето на епидемијата и сите донесени мерки да се во согласност со човековите права.