Над 40 проценти од граѓаните очекуваат да бидат заразени со коронавирусот, покажува најновото истражување на јавното мислење што го спроведе Институтот за политички истражувања за емисијата „Детектор“.
Истражувањето покажува дека 24,1 процент од анкетираните граѓани мислат дека веројатно нема да се заразат, а 21 процент дека можеби ќе се заразат, а 12,1 процент се сигурни дека нема да се заразат.
Поголем процент или 37,9 отсто сметаат дека во следните неколку недели состојбата со коронавирусот ќе се влоши, а 31,6 проценти очекуваат подобрување.
Мислењето на повеќе од 60 проценти е дека лекарите соодветно ги дијагностицираат и лекуваат пациентите, додека 14,3 проценти се убедени во спротивното. Повисок е и процентот на оние кои сметаат дека здравството има доволно ресурси за да се справи со кризата, односно 42,8 проценти го делат ова мислење, а 34,2 проценти го мислат спротивното.
Висока поддршка ужива и министерот за здравство Венко Филипче. Анкетата покажа дека 82 проценти се задоволни од неговата работа во однос на кризата со корона вирусот, додека 11 проценти не се задоволни.
Над 90 проценти од анкетираните даваат поддршка на мерките за забрана на јавни собири, затворање на угостителските објекти, училиштата и аеродромите, како и затворање на границите. На 90 проценти е поддршката и за одложување на изборите, а над 87 проценти за казнување на оние кои не ги почитуваат мерките за изолација и за забрана за движење од еден во друг град. Најмала поддршка меѓу мерките има полицискиот час, но сепак, дури 74,8 проценти од граѓаните даваат поддршка за оваа мерка.
Генерално граѓаните се задоволни од информациите околу состојбата со кризата кои ги добиваат од медиумите. 21,2 проценти велат дека се делумно задоволни а 7,5 проценти не се задоволни од начинот на кој известуваат медиумите.
Половина од анкетираните сметаат дека генерално граѓаните се придржуваат до препораката за често миење на раце, над една третина или 35,6 проценти дека генерално се почитува препораката да не се излегува од дома ако не се чувствува добро. 34,9 проценти сметаат дека се почитуваат препораките за избегнување физички контакти, а близу третина од анкетираните дека се почитува препораката да не се излегува од дома без потреба. Околу 29 проценти велат дека граѓаните генерално се придржуваат до препораките за носење маски и ракавици надвор од домот. Но, 39,2 проценти сметаат дека граѓаните не се почитуваат препораките за одговорно пазарење.
Најголем дел од граѓаните или 38,8 проценти најмногу се плашат од економската криза кој ја предизвикува вирусот, а 15,3 отсто се најзагрижени за евентуален колапс на здравствениот систем, 10,7 проценти поради можен недостаток на храна, лекови и други стоки, додека 5,6 проценти да не го изгубат своето работно место.
Најголемиот дел од граѓаните или 28,7 проценти сметаат дека корона вирусот ќе престане да се шири за еден до три месеци. Поголеми оптимисти се 25,1% од анкетираните кои велат дека вирусот ќе престане за се шири за една недела до месец дена. 12,2 проценти очекуваат крај на кризата во период меѓу три и шест месеци.
Анкетата беше спроведена телефонски врз репрезентативен примерок од 1.116 испитаници во периодот од 18 до 21 март со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти.