Интегрален текст од видео-изјава од м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања
„Веќе извесно време Стопанската комора на Македонија укажува на значењето на брзиот проток на стоките и потребата од отворање на транспортните коридори, во услови кога заради кризата поради корона вирусот дојде до зајакнување на контролите на транспортот. Во оваа насока, деновиве се финализираа активностите на земјите-потписнички на Договорот за слободна трговија во земјите на Централна Европа, или скратено ЦЕФТА, за олеснување на трговијата и транспортот.
ЦЕФТА најпрвин одобри листа на есенцијални стоки или стоки со примарно значење. Се работи за стоки чиј брз транспорт е оценет како суштински важен во постојната здравствена криза. Тука влегуваат прехранбени производи, како и медицински производи и опрема коишто се на листата на Светската царинска организација. Деталната листа на есенцијални стоки е достапна на интернет-страницата на ЦЕФТА.
Заради важноста на овие есенцијални стоки, трговијата со нив и нивниот транспорт ќе добијат приоритет во однос на другите стоки. Тие ќе се одвиваат преку т.н. „зелени“ коридори. Тоа не значи дека ЦЕФТА не обезбедува ефикасен транспорт и на сите други стоки, меѓутоа транспортот на есенцијалните стоки добива приоритет при преминувањето на границите.