Сапун од еколошки произведено органско козјо млеко е брендот кој веќе четири години го гради семејството Стојневи од Скопје. Направен по стар семеен рецепт, сапунот е мелем за сечија кожа, а особено за оние кои страдаат од сува кожа, егзема, псоријаза или други кожни болести. Направен од најчисто козјо млеко збогатено само со органско ладно цедено маслиново или кокосово масло, сапунот на Стојневи не содржи никакви хемикалии. Се произведува низ ладен процес, што е многу важно за да се задржат сите лековити и корисни состојки од свежото козјо млеко, заради што и сапунот е толку пријатен за кожата. Целиот процес на производство, во семејната работилница во село Миладиновци во близина на Скопје е рачен, а калапите и начинот на сечење се нивни изум.
Пишува: Сања Наумовска
„Во ладното производство не постои термичка обработка на сапунот. На собна температура се мешаат состојките според нашата рецепта, по што се лие во калапите. По 24 часа се вади од калапот и се сече. Она што е интересно е сечењето бидејќи ножевите се моја иновација. Првото сечење се прави со жица од пијано, а следните две сечења со жица од гитара. Потоа мора да отстои два месеци додека да заврши процесот на сапунификација“, вели Марјан Стојнев.
Непреработеното козјо млеко од кое се прави сапунот на Стојневи е богато со витамини Е, А, Б6 и Б12 кои ја омекнуваат кожата, ја одржуваат еластична и влажна и заедно со маслата богати со витамини А, Д, Е и К и минерали калциум, фосфор, натриум, калиум и железо, омега-3 и омега -6 масните киселини го забавуваат стареењето, ја забрзуваат регенерацијата, а со подолго користење ги намалуваат воспалителните процеси.
„Сапунот се испитува и секоја година добива сертификат од Институтот за јавно здравје. Содржи и селен кој ја штити кожата од штетните ултравиолетови зраци од сонцето и заради тоа особено го препорачувам во летниот период“, вели Стојнев.
Во производствениот погон на семејството во Миладиновци, сапун се прави од мај до септеври, која има козјо млеко. Го купуваат од фарма во планинското село Градиште, која произведува еколошко органско млеко. Се прават 6.000 парчиња сапун годишно кои се пласираат на домашниот пазар. Во целиот процес се внимава да се запази семејниот рецепт и тајните на производството, но пред се се внимава состојките да ги зачуваат хранливите состојки.
Наскоро, најавува Марјан, асортиманот ќе се зголеми со уште неколку видови сапуни во различни форми и додатоци, а дел од нив ќе се пласираат и на странските пазари.
„Семејството на мојата мајка имало традиција за производство на сапуни во минатото, а во 2013 добивме идеја повторно да направиме, во прво време само за нас и нашите блиски. Сепак, од 2016 година почнавме посериозно да се занимаваме со тоа, па полека од хоби почна да станува посериозен бизнис. Во моментов работиме на нов калап од дрво во кој ќе произведуваме нови сапуни со додатоци од органски мед, аронија, бадем… и со кои планираме да излеземе на странските пазари“, вели Стојнев.
За бенефитите од користење на козји сапун
Сапунот е наменет за сите генерации, за секој тип на кожа и за нега на целото тело и коса. Со еден збор, во него се содржат сите природни, органски елементи заедно. И секако, најважно е што во него нема ниту капка хемија.
Редовното користење на сапунот од козјо млеко може да помогне во намалување на воспаленија на кожата. Козјото млеко е богато со алфа хидроксилни киселини кои ги отстрануваат мртвите клетки од кожата и го потикнуваат растењето на нови и здрави клетки. Посебно се препорачува на луѓето со испукана и сува кожа, како и на луѓе оболени од егзема и псоријаза.
Алкален е, Ph вредноста му е повисока од Ph на нашата кожа, но, бидејќи кожата има својство да се обновува, таа во период од неколку минути ја средува разликата и бенефитот е најголем со тоа што вие не користите никаква хемија на вашата кожа.
Природниот сапун во основа е мешавина од животинско или растително потекло. Не се додаваат есенцијални масла за да не дојде до некоја несакана алергиска реакција кај некои корисници.
Сапунот од козјо млеко содржи селен, за кој е докажано дека ја штити кожата од штетните ултравиолетови зраци од сонцето. Се препорачува за секој период од годината, но особено во летниот период, кога високите UV зраци делуваат штетно врз кожата, ја оштетуваат, се создаваат црвенила, а многу често и опекотини, па со употребата на овој природен лековит сапун од козјо млеко многу брзо алергените симптоми, изгорениците ќе се намалат и ќе ги снема од кожата.
Производите може да се купат во ДМ дрогериите, аптеката Виола, продавницата за здрава храна „Мар вик“ и козметичкиот салон „Жанета естетик“.