Проектот и од „Велес се може”, кој го имплементираат заеднички Фондацијата ПРЕДА Плус од Битола и X – Factor Accelerator од Велес, време на Ковид-19 кризата, го користеа мошне конструктивно и со полна пареа. Така деновиве за прв пат во Македонија го хостираа првиот Он-лајн демо ден на кој своите бизнис идеи ги презентираа 9 тимови, претходно селектирани во конкуренција од 20 претприемачи, кои успешно ја завршија интензивната шестнеделна тренинг и менторска програма.
Она што овој настан покрај планираната содржина го направи посебен е фактот што истиот се реализираше со платформа за видео – конференции создадена од македонскиот стартап Vidict.
„Многу сум среќен што успеавме да го реализираме првиот онлајн Демо ден кај нас. Прво, бидејќи активноста беше завршница на велешкото издание на уникатниот проект „И од Битола се може(и)”. Со тоа, покажавме дека навистина се може. И од Велес, и од Битола, и од секаде низ Македонија. Второ, горд сум што се одлучивме за домашна платформа за виртуелни конференции, што се покажа како полн погодок. Им благодарам на дечките од тимот на Vidict и се надевам на идна успешна соработка. Трето, и со овој проект, како и со сите изминати активности на X Фактор Акцелератор, сѐ повеќе се доближуваме до остварување на нашата мисија – да ја зацврстиме позицијата на Велес како значаен стартап центар во регионот, но и пошироко. И, крајно. Со брзата реакција и префрлањето кон онлајн – формат на Демо ден , само го потврдивме претприемничкото правило, дека “Во секоја голема криза, има и огромни шанси.” Ова особено важи за малите земји, за побргу да го фатат чекорот со развиениот свет преку засилена дигитализација и уште позабрзан развој на стартап- сцената. Со оглед на квалитетот на бизнис – идеите што се презентираа денес, уверен сум дека актуелната криза е огромна шанса за голем број македонски стартап – тимови. Светот допрва ќе слушне за нив“, изјави д-р Игор Андреев, извршен оперативен директор на X Фактор Акцелератор од Велес.
Во рамки на програмата, со експертска поддршка на тренерите обезбедени од страна на X Фактор Акцелератор, учесниците ги доразвија своите бизнис – модели, во сите најважни аспекти за успешно стартување и водење на бизнисот. А на самиот ДЕМО ДЕН петчлената Комисија за евалуација и присутните гости имаа прилика да слушнат исклучително иновативни и атрактивни бизнис – идеи.
„Работата на развојни програми изминатите 15 години ме научи дека економските системи се динамични и чувствителни на промени, но ова што се случи последните месеци во светот со здравствената криза беше надвор од сите мои фантазии. Сепак едно нешто што низ годините го научивме и во ПРЕДА Плус е дека промените се добри и во секоја ситуација колку критична да изгледа во даден момент, постои можност. Заедничкиот проект со Х Фактор Акцелераторот од Велес замислуваше завршеток на една солидна пред-акцелераторска програма со „класичен“ ДЕМО Ден за презентација на идеите организиран во комотна конференциска сала. Кога веќе нѐ удри реалноста со корона кризата и благодарение на партнерите од X фактор акцелераторот и на Видикт, нов македонски стартап кој го понуди онлајн конференциско решение, успеавме да го организираме првиот онлајн ДЕМО Ден во овој дел на светот. Стартап тимовите беа одлични, веднаш ја прифатија идејата, презентациите им беа професионално спакувани и најважно од се го положија првиот тест на водење на бизнис, а тоа е: Очекувајте големи предизвици и бидете подготвени! Постои една позитивна работа за сите стартапи во време на ваква криза, а тоа е дека сите идеи стартуваат од иста појдовна точка, небитно е физички каде се наоѓаат. битолчани, велешани итн. сега нема изговори дека сѐ се случува на скопската сцена за стартапи. Но, битно е кој ве води, менторира низ процесот на развој на идеите и каде да се обратите за потенцијални инвеститори. Вашата мрежа на соработници е сега уште поважна од кога и да било“, изјави д-р Маријана Милевска, претседателка на ПРЕДА Плус Фондација за одржлив економски развој.
На Демо Денот идеите беа презентирани пред затворен круг од инвеститори, претставници на јавен и приватен сектор, академија и релевантни чинители на стартап – заедницата. Најдобро оценетите стартап – тимови ќе имаат можност да бидат финансирани од страна на X Фактор Акцелератор, во рамки на проектот кој се реализира со ФИТР, во партнерство со Светска банка.