Македонската платформа Winetours.guru е вистинскиот линк помеѓу љубителите на вино и винарниците!

- Advertisement -

Winetours.guru e првата платформа во земјава и пошироко преку која  љубителите на вино ќе можат online да резервираат вински тури, а винарниците на истиот начин да ја претстават својата понуда. Таа отвора нови хоризонти и сосема нови стандарди во овој сектор и воспоставува нова транспарентна и динамична врска помеѓу љубителите на вино и винарниците.

Winetours.guru е оne-point stop shop за сите оние ќе сакаат да искусаат една поинква винска авантура, збогатена со локална храна, уживање во природа и посета на историски и археолошки локации. За оваа иновативна платформа разговараме со нејзиниот творец, Антонио Кузмановски, основач на компанијата Webgliders.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Антонио, објаснете ни подетално што е Winetours.guru и што им нудите на љубителите на виното?

Во моментов ние нудиме 64 различни тури и соработуваме со 12 држави од Европа. Меѓу нив се речиси сите земји од регионот, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Грција, но и Португалија, Италија и Унгарија, кои се познати по своите вински региони. Во секоја од турите има посета на винарии, каде секој добива можност да научи нешто повеќе за техниките за производство на вино, а сето тоа зачинето со вкусна домашна храна, пејсажи и подигнување на винската култура. Секако, гостите треба да бидат подготвени и за многу изненадувања. Соработуваме и со вински ресторани, сместени во градовите, каде винските љубители ќе можат да дегустираат и да уживаат во разни видови на вина од повеќе производители и региони. За моментот биде незаборавен, винската дегустација вклучува внимателно одбрана храна соодветна за секој тип на вино. 

- Advertisement -

Иновативноста на нашиот продукт е во системот што е поставен на тој начин што секоја винарија, ресторан специјализиран за вино или туристичка агенција можат да имаат свој профил и да поставуваат и да ги менаџираат своите тури и понуди. На некој начин секој добива своја лендинг страна, на која може да се престави, да постави фотографии и видеа. Туристите лесно ќе можат да изберат што сакаат да посетат и да ја добијат најдобрата цена за тоа, без скапите провизии што обично постојат на големите букинг платформи. Платформата е лесна и едноставна за користење, а нашите тури се специјално избрани и обработени да ги задоволат сите вкусови.

Каква е понудата од Македонија?

Во Македонија соработуваме со околу 13 големи и мали, бутик винарници, кои произведуваат широка палета на вина. Нашите клиенти може да резервираат еднодневни или повеќедневни вински тури во кои е вклучено извонредно вино, одлична домашна храна, прекрасни пејсажи и недопрена природа. За време на посетите ја раскажуваме приказната за историјата на секоја винарница, но и на нашите вински региони, кои имаат богато историско и културно значење. Нашите гости ќе си одат со впечатоци, не само за нашите извонредни вина, туку и за нашата прекрасна земја.

- Advertisement -

Со еден збор, со чаша вино правиме совршен спој за промоција на земјата како винска дестинација, за домашните и за странските посетители. Отворени сме и за соработка со сите останати винарници кои во моментов не се дел од нашата понуда, а кои можат многу да допринесат за збогатување на сликата на нашето винско богатство.

Што специфично нудите во винските тури, кои се најинтересни за посетителите?

Досега имавме можност да ги промовираме урбаните тури, при што имавме неколку успешни дегустации во вински ресторан во Скопје. Планиравме и поинтензивни промоции во винариите во околината на Скопје, но самата кампања за промоција на WineTours.guru и пролетните тури ќе мора да почекаат да се надмине ситуацијата со пандемијата на коронавирусот. Дотогаш, на социјалните медиуми ќе продолжиме со онлајн едукација за вината. Инаку, нашите посетители, освен тоа што знаат дека ќе уживаат во прекрасни вина и извонредна храна, можат да одберат и тури кои нудат прошетки во природа со водич, пешачење и посета на историски или археолошки места, возење велосипеди, спа центри и други опции.

Планирате ли да дополнувате со некои свежи идеи и новини, имате ли поддршка од локалните заедници?

Веќе нудиме неколку полудневни и целодневни тури каде дегустацијата на вино се одржува при крстарење со едрилица низ водите на Охридското езеро или пак, пикник во природа. Во нив нашите клиенти ќе имаат уникатно искуство и можност да откријаат повеќе за Охридското езеро и охридскиот регион, да пробаат некои од вината култивирани и произведени исклучиво во охридскиот регион и да уживаат во сончањето и пливањето во езерото. Имаме и тематски тури, на пример за Денот на вљубените или за 8 Март, како и дегустации во ресторани на еден тип вино, на пример „Вранец“, од повеќе винарници. Работиме и на поврзување со локалните заедници при што придобивките, секако, ќе бидат обострани.

Како дојдовте на идеја да создадете ваков вид на платформа?

Идејата дојде за време на акселераторска програма за стартапи во Мадеира, Португалија, каде бевме избрани со претходниот наш производ When in X. Таму имавме двомесечни менторски сесии при што го разработувавме бизнис моделот и потенцијалот на пазарот. Јасно беше дека е потребено е да се фокусираме на еден сегмент од туризмот што не е доволно застапен онлајн. Лесно беше да се избере винската индустрија, со оглед на потенцијалот што го има во регионов за тој тип на туризам, и фактот што не е доволно експлоатирана гранка на интернет, генерално во Европа.

Од досегашното искуство, дали Winetours.guru повеќе внимание привлекува кај домашните или кај странските туристи?

Бројот на посети и следбеници на нашата страна секојдневно се зголемува, содржината во моментов е на англиски, а посетите се подеднакво и од домашните и од странските корисници. На нашите први настани имавме доста странски посетители, но многу од нив живеат и работат тука, во Скопје. Планираме таргетиран маркетинг во неколку земји, за кој очекуваме добар одзив. 

Каков е одзивот од винариите, дали се задоволни од платформата?

Фидбекот од страна на винарници е одличен. Свесни се дека поттикнување на винскиот туризам во земјата на овој начин е успешен обид за промоција на самите винарии, зголемување на продажбата на вина и поставување на Македонија на европската, па и на светската винска сцена. Дигитализацијата е повеќе од неопходна, бидејќи овозможува голем досег до потенцијални клиенти. Понатаму, планираме да воведеме и продажба на вино, како и можност за корисниците да споделуваат впечатоци за секој тип на вино, секоја тура итн.

Повеќе детали за Winetours.guru на следниот ЛИНК.



Сподели!
- Advertisement -