За разлика од многу европски првенства, во Црна Гора натпреварите ќе се играат во присуство на публиката, рече премиерот Душан Марковиќ.
„Ќе бидат дозволени свадби, крштевки, ограничен број на гледачи на спортски настани, со соодветни мерки“, рече Марковиќ.
Само во Белорусија е дозволена публика за време на натпревари, додека другите лиги, кои продолжија неодамна, ќе се играат без публика на стадионите.
Црногорскиот министер за здравство, Кенан Храповиќ, вчера соопшти дека Црна Гора последна во Европа го регистрира првиот случај на Ковид-19 и прва во Европа го искорени вирусот.
„Во деновите што следат, одговорното однесување и заедничката грижа за здравјето се наш адут да продолжиме да бидеме горди носители на титулата ‘корона фри’ држава која покажа дека знае да се соочи и да се бори со опасен непријател, кој ја покори целата планета“, рече Храповиќ.
Во земјата нема потврдени нови случаи веќе 20 дена по ред.
Од избувнувањето на епидемијата се разболеле 324 лица, од кои 315 закрепнале, а деветмина починале.
(denar.mk)