Арон Браун е сериски претприемач и бизнис ангел кој 15 години е активен во Business Angels Switzerland. По иницијатива на швајцарската Програма за поддршка на претприемништво SwissEP во соработка со мрежите за бизнис ангели од пет балкански земји неодамна се одржа првиот онлајн собир на бизнис ангели. Арон Браун го презентираше своето портфолио и искуство како бизнис ангел со цел да ги поддржи иницијативите и поттикне повеќе инвестиции на Балканот.
Разговараше – Верица Јорданова
Г-н Браун, за почеток објасете ни која е суштинската разлика меѓу бизнис ангели инвестициите и другите форми на финансиска поддршка на компаниите?
Клучната разлика меѓу ангелите инвеститори и другите типови инвеститори, како што се институциите и јавната поддршка, е тоа што бизнис ангелите се луѓе кои инвестираат сопствени пари. Тие се лично повеќе изложени на финансиски ризици, но исто така имаат слобода и флексибилност да одлучуваат каде и како сакаат да ги инвестираат нивните пари. Тие не преземаат одговорност за ничии туѓи пари освен за своите. Токму затоа бизнис ангелите често инвестираат во компании во почетни фази кои може да бидат премногу ризични за другите инвеститори. Како и сите инвеститори, бизнис ангелите имаат за цел да добијат значителна заработка на нивната инвестиција, но се мотивирани и од некои дополнителни немонетарни аспекти. На пример, некои бизнис ангели можеби сакаат да му вратат на општеството, да го поддржат економскиот развој на својата земја, уживаат да бидат дел од некој возбудлив проект, сакаат да добијат инсајдерски информации за некоја индустрија, да ја прошират сопствената мрежа или да ја подобрат својата репутација. Вообичаено, тие не само што инвестираат пари во компанијата, туку активно ја поддржуваат со своето искуство, својата мрежа и со менторство за основачите.
Кои се основните лекции за секој што сака да стане бизнис ангел или е во некоја почетна фаза?
Битно е да се биде многу јасен за причините зошто некој сака да стане бизнис ангел и какви очекувања има. Ако единствената мотивација е поврат на инвестицијата во некоја алтернативна класа на средства, тогаш можеби попаметен избор е да се инвестира во некој добро менаџиран фонд за seed инвестиции или ризичен капитал. Освен тоа, треба барем да бидете сигурни дека инвестирате во доволно голем број различни компании и исто така да имате време за квалитетно менаџирање на портфолиото. Со оглед на високиот ризик на секоја seed инвестиција на поединци, диверзификацијата ќе ви помогне да реализирате позначителен вкупен поврат. Од друга страна, ако вашата мотивација не е само од монетарен аспект, можете да биде порелаксирани во поглед на диверзификацијата на вашето портфолио и да бидете среќно инволвирано во ограничен број компании. Секако дека сте побезбедни ако не инвестирате повеќе пари во стартап компании кои можете да си дозволите да ги изгубите ако нешто тргне на лошо. Во секој случај, многу е битно усогласување на интересите на основачите и на бизнис ангелите ако сакате плодна соработка меѓу двете страни. Таа соработка може да трае 5 или повеќе години пред бизнис ангелот да добие поврат.
Бизнис ангелите треба да се трпеливи и флексибилни со инвестициите и да запамтат дека градењето нова компанија може да биде долг, комплициран процес со попатни пречки и изненадувања!
Објаснете ни како изгледа процесот на инвестирање и колку време е потребно за еден инвеститор да донесе одлука да инвестира?
Од моето лично искуство, не постои стандард за тоа затоа што бизнис ангелите одговараат само пред себеси и затоа можат целосно да го адаптираат процесот на инвестирање на нивните лични вкусови, ставови и потреби, кои секако, се различни од човек до човек. Во многу случаи инвестициите не се прават само од страна на еден бизнис ангел туку од група од неколку инвеститори. Пред да почне целиот процес инвеститорите кои учествуваат треба да се согласат како ќе се одвива се. Јас сум бил инволвиран во инвестиции кај кои процесот од првиот контакт со основачите и затворањето на зделката траел неколку недели. Во други случаи тој процес траел половина година, па и повеќе. Во некои случаи целиот процес на темелна процена на инвестицијата се состоел од неколку интензивни дискусии со основачите, додека во други цел тим од инвеститори, понекогаш дури и надворешни експерти, поминувале по неколку дена анализирајќи го секој документ од компанијата и спроведувајќи десетици интервјуа со различни експерти од соодветните полиња. Имам потпишано многу едноставни и основни договори составени од само неколку страници и без помош од адвокати, но имало и сложени документи од 100-ина страници во кои засегнатите страни вложиле многу време. Јас лично преферирам да се држам до едноставните работи, каде што се е прецизно и кратко, но понекогаш колегите инвеститори имаат други ставови. Многу од клучните ризици на една стартап компанија не можат да бидат елиминирани ни со најсофистицираните договори и со најтемелните проверки на инвестициите.
Генерално земено, процесот на инвестирање се состои од иницијална фаза, која често започнува со давање предлог на основачите, по што следуваат неколку помалку или повеќе формални состаноци со нив. Целта на оваа фаза е да се добие генерална претстава и основно разбирање за компанијата, за бизнис идејата и основачите, како и да се одлучи дали сте сериозно заинтересирани за компанијата или не. Наредната фаза се вика „due diligence“ или длабинска анализа и за тоа е потребно повеќе време да се разгледаат аспектите кои се релевантни за вашиот договор. Паралелно со тоа можеби ќе почнете да преговарате за инвестициските или договорите за акционери. Вреднувањето на компанијата е само еден, иако битните аспекти може да бидат поддржани од нас самите. Кога ќе има договор за се, можете да продолжите со затворање на инвестициската рунда. Тоа е само почеток на една компанија низ честопати долгото, чудно, но истовремено интересно и плодоносно патување.
Колку инвестиции сте направиле Вие досега?
Досега сум инвестирал во вкупно 15 компании од различни индустрии како биотехнологија/медицинска технологија, едукација, туризам, онлајн услуги, финансиска технологија, виртуелна реалност и сензори. Имам искуство на некое од тие полиња. На други полиња имам само лимитирано знаење, но и голема љубопитност за да учам. Тоа дефинитивно е разликата од професионалните, институционални инвеститори, кои никогаш не треба да инвестираат во области за кои не се експерти.
Вообичаено, вложам во неколку последователни инвестициски рунди на иста компанија. Затоа вкупниот број на трансакции е многу поголем од бројот на компании. Некои од тие последователни рунди биле прецизно планирани од самиот почеток, но најголем дел од нив не се. Тоа е типично за многу стартап компании, а неискусните инвеститори ментално се подготвуваат за идните инвестиции кога вложуваат во нова компанија. Но, се разбира, не сте обврзани да учествувате во последователните инвестициски рунди и посебно да ја проценувате секоја финансиска рунда.
Каков тип на поддршка нуди бизнис клубот Business Angels Switzerland на своите членови бизнис ангели? Кажете ни нешто повеќе за ова?
Во мојот клуб, Business Angels Switzerland, главната поддршка се состои од пронаоѓање компании кандидати, претселекција на најинтересната и организација на бизнис вечери на коишто избраните компаниите даваат предлози. Понатаму, клубот обезбедува интересна мрежа за други бизнис ангели кои се претрпиемачки настроени и за експерти од сите полиња, со секакви вештини поврзани со ангелското инвестирање, корисни примери и документи како што се листи за длабинска анализа и повремени обуки. Клубот е хиерархиски управуван од долу нагоре од своите членови и вклучува доста волонтерска работа од ангажираните членови. Кај нас владее еден дух на меѓусебна доверба и поддршка и членовите генерално сакаат да ги споделуваат своите искуства едни со други.
Што е потребно за да се развие сцената за бизнис ангели во една земја? Можеби имате некоја посебна поддршка за инвеститори во Швајцарија?
Би рекол дека главен предуслов е да се има доволно претприемачки дух во земјата, односно доволен број луѓе кои основаат иновативни компании со скалабилни бизнис модели. Соодветните програми за поддршка од владите исто играат битна улога во овој контекст, како што може да се види и во европските земји. Се разбира, имањето активна бизнис ангел заедница дополнително ќе ги поттикне претприемачките активности во земјата. Но, тука важи проблемот со кокошката и јајцето.
Друг предуслов за развој на солидна сцена на бизнис ангели е да се има добра законска рамка. Минималните барања се да не се попречуваат и обесхрабруваат ангелските инвестиции со несоодветни и комплицирани регулативи. Наредното ниво би било да се создадат посебни услови кои поттикнуваат seed инвестиции од страна на индивидуалци и институционални инвеститори. Некои европски земји имаат воспоставено посебни даночни олеснувања за капиталната добивка на стартап инвестиции или имаат инструменти за инвестиции кои учествуваат во инвестициските рудни предводени од ангели или инвеститори во ризичен капитал. Ако се добро осмислени, таквите законски олеснувања и инструменти за поддршка значително ги поттикнуваат инвестициите на бизнис ангелите во една земја. Бидејќи повеќето луѓе не ги разбираат доволно добро посебните проблеми на стартап компаниите и seed инвестициите, битно е новата регулатива наменета за промовирање на инвестициите на бизнис ангели да биде изработена заедно со локалната заедница на стартапи и бизнис ангели. Секако дека е добра идеја бизнис ангелите да инвестираат и во лобирање.
Што мислите за сцената на бизнис ангели во Македонија? Што и недостига и кои се Вашите препораки?
Изминатите три години повеќе пати ја посетив Македонија, но се разбира, немам инсајдерски информации за локалниот екосистем. Моите импресии се дека сцената на бизнис ангелите е уште млада, но досега запознав некои навистина вешти бизнис ангели кои и самите се претприемачи и имаат одлични идеи. Тие веќе имаат стекнато искуство од нивните први ангелски инвестиции. Тоа ме радува и се надевам дека пионерите како нив ќе можат да инспирираат и да поддржат други да го следат нивниот пример. Од неколкумина, претприемачи и бизнис ангели, слушнав дека има пречки во законскиот систем кои можеби мора да се отстранат со цел да се создаде подобра клима за анеглите инвеститори. Како и некои други европски земји, моделите посветени на мотивација може да имаат бенефити за интензивирање на локалното инвестирање и по можност да се поттикнат меѓугранични инвестиции.