Владата синоќа ги утврди протоколите според кои ќе почнат да работат хотелските објекти.
Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување) почнува да важи од понеделник, 22 јуни.Протоколот ги уредува процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, потоа препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на ковид-19.
Предвидена е дезинфекција за обувки пред влезна врата, пулт за дезинфекција на раце во холот, задолжително носење на заштитна маска за гостите и вработените, обезбедување на потребно растојание (1,5-2 м), монтажна проѕирна преграда (шалтер) за рецепционерот, монтажната преграда може да биде заменета со дополнително носење на визир од страна на рецепционерот.
Бројни правила се однесуваат на тоа како како треба да се однесува персоналот, но и гостите, како треба темелно да се дезинфицираат и чистат сите делови од хотелот, ограничен број на гости каде се послужува храната, да се ограничат групните собири и правила како да се постапува со гости или вработени доколку заболат од ковид-19.
Гостинот заедно со клучот добива флаер со совети за заштита и протокол за неговиот престој дефиниран од внатрешен тим на хотелот.
Давателот на услуги нуди единечни или двојни соби со прилагодувања, а во сместувачките капацитети со повеќе кревети може сместување само гости од едно домаќинство, коишто ќе го докажат тоа при пријавувањето.
Текстилните украсни елементи на тапацираниот мебел и креветот се отстрануваат (перници, ленти, украсни прекривки…).
Во собите за сместување и на рецепцијата се поставува средство за дезинфекција на рацете.
Во делот на ресторанските процедури, пак, служењето храна на шведска маса не е дозволено. Не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.
Масите да се прекриени со хартиени или најлонски чаршаф за еднократна употреба или ако се користат стандардни чарашави истите да се перат после секој послужен гостин.
Сите апарати за точење на пијалок (вода, чај, кафе, сок и сл.) нема да се употребуваат и пијалоците ќе се послужуваат по желба на гостите при послужувањето на масата.
(instore.mk)
(фото: Wikimedia)