Душица Крстевска oд Берово предлага малешевските колиби и сирењето да се претворат во туристичка атракција

- Advertisement -

 Душица Крстевска со нејзината идеја за заштита на феноменот колибарење во Македонија и промовирање на традиционални малешевски специјалитети е победник во категорија зелени концепти на годинешниот натпревар на зелени идеи кој традиционално го организира организацијата АРНО.

Со изумирање на сточниот фонд, колибите стануваат напуштени куќарки кои се распаѓаат се повеќе, вели Душица која разви идеја малешевските колиби да се трансформираат во туристички атракции. Таа освои ваучер за консултантски услуги и ваучер од 1.500 долари од АРНО, a за Иновативност раскажа повеќе за нејзината иницијатива.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Мојата Зелена идеја е во насока на зачувување на еден од најстарите феномени во Малешевијата, а тоа е колибарењето. Во минатото скоро секое семејство во Берово одгледувало стока, најчесто овци, и од млекото го правеле надалеку познатото беровско сирење, буламач, урда и други производи. Поради потребата од повеќе обработливо земјиште надвор од рамничарскиот регион, настанало колибарењето. Се граделе колиби, кои се всушност куќички од цврста градба и во нив летно време се собирало целото семејство со цел да помага во одгледувањето на стоката, правењето сирење, пасењето на стоката и собирањето на сено за зима. Зимно време во колибите најчесто останувале само најстарите за да ја пречуваат стоката до пролет, кога се почнувало одново.

Мојот партнер Александар Чакиевски потекнува токму од едно такво семејство, каде што стока се одгледува со генерации наназад во една иста колиба на 14-тина километри од градот Берово, во преубавите планински предели на Малешевските планини. Со оваа идеја сакам да го доближам колибарењето до луѓето, да ги запознаам со начинот на кој што живееле нашите предци, да им ја доближам нашата традиционална храна и убавините на Малешевијата. 

Ако сакаме промени, промените треба да започнат од нас. За почеток сакам нашата колиба да ја приспособам за примање на гости и да ги задоволиме критериумите за служење на храна и пијалоци во рамките на селското домаќинство. Колибата има струја на соларни панели, бања (со можност за уште една), четири спални со опција за петта, летна кујна и нов покрив. Мојата цел е да ги уредам спалните соби, да направам мали корекции во бањата, но и да поставам бојлер на соларна енергија како би се заменил моменталниот начин на греење на вода со попрактичен. По завршувањето на сите овие мини проекти во рамки на колибата, сакаме да понудиме пешачки и велосипедски тури со ручек на колибата и гастро тури. По потреба за организирана група на посетители, во рамки на останатите активности може да се организира и обука за правење сирење, обука за готвење со една од вредните малешевски бабички со акцент на малешевските специјалитети, како и обука за ткаење на разбој.

Поради богатиот биодиверзитет во регионот, гостите ќе бидат во можност да се запознаат со нашите секојдневни “гости”, куната Лиска, неколку срни и елени на кои сеуште не сме им дале име, голем број на диви свињи и зајачиња како и неколку лисици кои ни се чести гости на колибата. На падините има и голем број на волци и мечка, кои за среќа не ни се чести посетители. Има и голем број на разновидни птици од кои еребицата камењарка е на списокот на загрозен вид птици која што за среќа ја имаме во овој регион. 

- Advertisement -

Во втора фаза доколку се појави желба за соработка на останатите сопственици на колиби, би сакала да формирам здружение кое ќе се залага за реставрирање и зачувување на колибите, како и за промоција на алтернативниот туризам и малешевските специјалитети, но од досегашното искуство тоа е навистина тешко да се постигне. 

Идеално е реставрација на колибите за нивната првична намена – населување на луѓето со намера за чување на стока, но поради намалување на сточниот фонд во државата и драстичното намалување на бројот на фамилии во Берово кои се занимаваат со чување на овци и изработка на сирење, среќна би била доколку колибите се реставрираат макар и за туризам, со што би се спречило нивното уништување. 

- Advertisement -

Во беровскиот регион бројот на колиби е навистина мал, буквално се бројат на прстите од една рака. Има уште толку кои се во фаза на распаѓање и неколку веќе распаднати. 

Ваша цел исто така е промоција на традиционалните малешевски специјалитети. Се одржува ли оваа традиција во моментов? 

Традиционалните малешевски специјалитети се тука со децении и нивната изработка се пренесува од генерација на генерација, но во последниот период драстично се губи заинтересирноста за нивна изработка. Еден од нив е и буламачот. Мнозинството луѓе со кои сум била во можност да разговарам на оваа тема, никогаш не слушнале за зборот буламач ниту пак го пробале. Тоа е еден вид на т.н млечна зимница, дел е од семејството на сирни намази кој што се произведува од автохтоната раса на овци Праменка-Овчеполка која што се одгледува во овој крај. Буламачот е богат со протеини и масти и има автохтоност и приказна зад себе. Се подготвува кон крајот на летото поради посебните карактеристики кои ги има млекото во тој период, а се јаде цела зима. Кој не пробал малешевски зелник во комбинација со беровско сирење и буламач, време е да не посети.

Производството на традиционалното малешевско сирење од ден во ден се намалува. Бројот на овци од ден во ден опаѓа. Младите во семејството најчесто не се заинтересирани за одгледување на овци, дел од нив поради немањето помош од семејството а дел поради тоа што нивната кариера решиле да ја градат во друга област. Тука е и иселувањето на младите особено од овој регион во Македонија, кое што дополнително ја отежнува ситуацијата. Доколку продолжи овој тренд, беровското сирење ќе стане еден редок и скап специјалитет во кој што нема да можат сите да уживаат поради малите произведени количини. Побарувачката е премногу голема, слободно можам да кажам дека дури и да има 30 пати повеќе овци од што има моментално, повторно би било дискутабилно задоволувањето на побарувачката.

 Каква е вашата замисла, како да се заштитат и промовираат овие специјалитети? 

Јас како единка не можам многу да помогнам околу заштитата на традиционалните малешевски специјалитети, можам само да помогнам во нивното промовирање и правење. За почеток, доволна е и самата промоција. Колку повеќе луѓе се запознаат со нашите специјалитети, толку поголема можност се отвара за изработка и продавање на истите, со што се поттикнува локалната економија. Моментално сме во завршна фаза од уредување на апартмани на Беровското езеро, каде што имаме предвидено катче во кое туристите преку дегустација ќе бидат во можност да се запознаат со преку 20-тина традиционални специјалитети како буламачот, беровското сирење, медот, слаткото од шумски јагоди, мармаладот од сливи, сливовата ракија, боровиот сируп итн.

Државата треба да преземе мерки за заштита на овие специјалитети преку ЗОП алатката, односно доделување на заштитена ознака за потекло со која не само што ќе се заштитат нашите специјалитети, туку како такви ќе бидеме во можност да ги промовираме насекаде во светот како дел од нашето богатство, а со тоа добиваме и додадена вредност на финалниот производ.

Душица, кои се клучните проблеми со кои се соочувате при реализација на гореспоменатите идеи? 

 За реализација на една ваква зелена идеја потребни финансиски средства, многу непроспиени ноќи и огромен вложен труд. Но ништо од тоа не би било важно ако немаме љубов и страст она што го работиме. Сите добро знаеме каква е финансиската состојба на еден просечен Македонец, па со тоа можеме и да претпоставиме колкав дел од нашиот буџет можеме да одвоиме за реализирање на нашата идеја, затоа и одиме со бебешки чекорчиња. 

Ние се нафативме на реализација на еден ваков проект не поради потенцијалните финансии добиени од истата, туку поради тоа што сакаме да ја зачуваме колибата која што изгледала неколку генерации од семејството. Поради тоа голем дел од заработката во иднина ќе биде пренасочена кон други добри цели, а не кон личен финансиски бенефит.

На Берово му е потребна добра промоција, како во земјава така и во странство. Берово го има Беровското езеро на кое што посетителите можат да уживаат во романтични вечери па и пловење со кајак, ја има боровата шума која е непресушен извор на кислород, има пешачки и велосипедски патеки, има потенцијал за развој на рурален и агротуризам, има огромен потенцијал да стане дел од мапата на таканаречените foodie travellers, лица кои што патуваат со цел да доживуваат различни гастрономски искуства, имаме основа за развивање на апи туризмот. Имаме културна манифестација Етно плоштад, имаме и меѓународен саем на традиционални прoизводи “Малешевијата на дланка”, во близина на Берово се одржуваат Ратевските бамбурци – карневал за кој што се смета дека има 600 годишна традиција, исто така Владимирските илинденски средби се нешто што треба да се посети барем еднаш во животот. Во Берово покрај музејот во кој што можат да се видат традиционални малешевски поставки (малешевска соба, малешевска носија, малешевски накити, грнчарско производство, музички инструменти и реконструкција на малешевска ковачилница) исто така ги имаме манастирите Архангел Михаил и Успение на Пресвета Богородица кои си имаат неверојатна историја и приказни зад себе.

Берово и Малешевијата треба да се доживеат со помош на локалното население, на начин каков што само локалците знаат да го претстават. Берово има се што е потребно за одмор и рекреација, ваше е само да ни дозволите да ве насочиме како квалитетно да го искористите вашето време за креирање на незаборавни спомени.

Сподели!
- Advertisement -