Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, ги објавија добитниците на кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“, преку јавниот повик за „Стартапувај 2“ на ФИТР.
Станува збор за 53 микро и мали компании, кои ќе реализираат проекти во вкупна вредност од 1,88 милиони евра, од кои дури 80 отсто, или 1,5 милиони евра се грант средства од Фондот за иновации и технолошки развој.
Жал ми е што не можевме да објавиме уште поголем број бидејќи буџетот на јавниот повик се покажа очигледно недоволен за интересот којшто го имавме. Оваа година имавме 30% поголем интерес од она што го регистиравме како интерес во 2019 година што само кажува дека младите луѓе сакаат да инвестираат, со вистинска мерка сме ги поттикнале да развиваат свој бизнис, меѓутоа имаат и доверба во процедурите коишто ги реализира ФИТР и се охрабруваат, подготвуваат свој деловен план и го презентираат во рамки на програмите – нагласи директорот на ФИТР.
Вкупниот обем на планираните инвестиции со првиот инвестициски бран е околу
1,9 милиони евра што е навистина значителна бројка особено во услови на криза, од коишто 80%, односно 1,5 милиони евра се средства што ги обезбедува Владата во соработка со Светска Банка.
Деспотовски презентираше дека 90% од избраните компании се микро, а останатите 10% се мали компании. Според локацијата најголемиот број на компании се од Скопје (67,92%), но има и компании од Штип (7,55%), Кавадарци (5,66%), Струга, Прилеп, Неготино, Струмица, Битола, Велес и Кочани. По индустрии, доминираат компаниите од ИТ индустријата (22), а има и од технолошката индуструја (6), здравство/медицина (5), маркетинг/продажба (4), земјоделство (3), текстилна икожарска индустрија (3) и други сектори.
Со реализација на инвестициските проекти, ќе се отворат нови добро платени работни места за млади луѓе, односно овие компании кои моментално вработуваат 220 лица, ќе вработат дополнителни 149 луѓе.