„Читањето е супермоќ“, кампања на „Арс Ламина“ за поттикнување на читачките навики кај децата

- Advertisement -

Под мотото „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа „Арс Ламина“ втора година по ред ја организира кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата. Идејата на акцијата е подигнување на читачката култура кај најмладите, затоа што дете што чита е возрасен што размислува. Онлајн кампањата на „Арс Ламина“ има за цел да ја поттикне љубовта кон книгите, да се создадат идни читатели и да се инспирира корисно и паметно поминато време во текот на летниот распуст.

Во рамки на онлајн кампањата „Читањето е супермоќ“, која ќе се одвива преку социјалните мрежи на „Литература.мк“, ќе биде организиран фото-конкурс. Во предизвикот учесниците ќе треба да објават фотографија со некоја од книгите за деца од „Арс Ламина“ (достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk) и да напишат свое објаснување зошто читањето е супермоќ (означено со хаштазите: #ЧитањетоЕсупермоќ, #Либи, #АрсЛамина, #Литературамк). Кампањата ќе ја поддржат јавни личности од најразлични области, влијателни лица од социјалните мрежи и претставници на сите нивоа на образование.

- Advertisement -

„Арс Ламина“, како најголем издавач на литература за деца, продолжува да ја збогатува својата понуда на квалитетни книги од задолжителната и незадолжителна литература за деца, од истакнати домашни и светски писатели.

Преку својот импринт „Либи“, „Арс Ламина“ досега има објавено 45 лектири и читанки, кои се разликуваат од сите претходни лектирни изданија на пазарот, пред сѐ, по тоа што се лесно читливи за учениците, вклучително за децата со дислексија. Книгите од едицијата „Лесно читливи лектири“ се изработени според светските стандарди за дислексија, а вклучуваат и речник на помалку познати зборови, како и активности за работа на час. Станува збор за поголем дел од листата на лектири за основно образование одобрени од Министерството за образование и наука. Лектирите се уредени со помош на специјален фонт и според светски утврдени технички стандарди, поради што се одобрени и препорачани и од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и од Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје. Во тимот на овој проект учествуваа и голем број стручни лица – преведувачи, лектори, илустратори, дизајнери, универзитетски професори, наставници од праксата и други консултанти.

Во понудата на „Арс Ламина“ има и голема продукција на литература за деца од предучилишна возраст: сликовници, и богато илустрирани басни и бајки, кои изобилуваат со многубројни морални поуки, и ги поттикнуваат децата да размислуваат и да проценуваат што е добро, а што не.

Минатата година, во рамки на кампањата во соработка со Институтот за педагогија, се одржаа четири сесии обуки на Филозофскиот факултет насловени како „Развивање на читачките навики и способности кај учениците“, на кои имаше над 1300 посетители, наставници, педагози, библиотекари и воспитувачи од целата држава. Исто така, беше промовирана и едицијата „Лесно читливи лектири“, чиј број на наслови се збогатува и оваа година

Сподели!
- Advertisement -