Секое петто дете во Обединетото Кралство има кошмари поради климатските промени, покажа едно британско истражување. Во истражувањето се покажа дека околу 17% од децата во Британија велат дека загриженоста поради климатските промени им го попречува сонот, а 19% велат дека стравот поради загадувањето им предизвикува кошмари.
Истражувањето спроведено за BBC меѓу 2.000 деца на возраст од 8 до 16 години покажало и дека 41% од децата не им веруваат на возрасните дека ќе ја решат кризата со климатските промени.
Во текот на изминатите неколку години, поттикнати од примерот на 17-годишната Швеѓанка Грета Тунберг, по улиците на светските метрополи излегоа на протести многу деца и тинејџери кои од политичките лидери бараа да се преземат итни мерки за да се стопираат климатските промени.
Ема Цитрон, прихолог за деца во Лондон, вели дека е јасно дека младите се загрижени поради климатските промени со оглед на тоа дека во истражувањето 58% од нив одговориле дека се плашат од ефектите кои ќе ги имаат климатските промени на нивните животи.
„Јавните личности како Дејвид Атенбороу и Грета Тунберг им помогнаа на младите од целиот свет да ја изразат својата загриженост и ние како возрасни мора да ги сослушаме и да им помогнеме да се вклучат во промената на подобро. Сите ние треба да им помогнеме да не се чувствуваат беспомошни и да им испратиме пораки за надеж во нивната иднина и да се осигураме дека ќе добијат вистинска професионална помош ако нивните тешкотии станат посериозни“ вели Цитрон.
Американското здружение на психолози вели дека се свесни за „еко-проблемите“ кај децата, но мора да се направи истражување за да се утврди колку се раширени тие проблеми.
(Reuters, Vijesti.me)
(фото: Pixabay)