Јужна Кореја организира посебни настани на кои ги учи луѓето дека е сосема во ред да погрешат. Во една земја како Јужна Кореја, каде што сите се под притисок да бидат многу добри во она што го работат, овие настани “Fail Expo” имаат за цел да го сменат ставот на луѓето кон неуспехот.
На настаните посетителите имаат прилика да се сретнат со други луѓе кои бараат работа и со претприемачи кои знаат што значи напорна работа и дознаваат информации за некои активности кои можат да им послужат како поддршка.
Желбата за напредок ја трансформираше Јужна Кореја после Корејската Војна од 1950-тите години и ја претвори од очајно сиромашна земја во една од најголемите економии во светот. Но, многумина мислат дека овој пристап веќе е застарен и дека културниот притисок да се постигне економски и академски успех доведе до многу несреќни луѓе.
Имено, земјата има една од највисоките стапки на самоубиства во земјите-членки на ОЕЦД. Овие специјални настани во Јужна Кореја се инспирирани од Интернационалниот ден на неуспехот кој се одржува во Финска и од Музејот на неуспех во Шведска, кои се доказ дека светот ја прифаќа идејата дека неуспехот е нешто што мора да го прифатиме.
(World Economic Forum)
(фото: Flickr)