Светозар Јаневски: Инженерските умови имаат посебен начин на размислување што е многу корисeн во бизнисот!

- Advertisement -

Светозар Јаневски е македонска бизнис легенда, човек чии што бизнис квалитети се препознаени и валоризирани не само дома, туку и во поширокиот регион. Неговата долгорочна визија, знаењето кое го поседува и талентот успешно да менаџира процеси се карактеристики кои неизбежно водат кон успех. Во ова ексклузивно интервју за „Иновативност“, со кое стартува серијалот „Од ТМФ до успешна кариера“, во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, г-н Јаневски зборува за времето кога тој бил студент и за улогата на техничката едукација во градењето успешна кариера.

Разговараше – Верица Јорданова  

- Advertisement -

Господине Јаневски, Вие сте еден од најуспешните македонски бизнисмени кој успеа компаниите кои ги води да ги развие до степен на интернационална препознатливост. Но, малкумина знаат дека голем дел од вашето знаење, во делот на технологија, потекнува од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, факултетот каде што Вие студиравте. Може ли да ни раскажете зошто одлучивте да студирате на ТМФ?

Кога се запишав на Технолошкиот факултет, во периодот на 60тите години, Македонија и Југославија беа во силен индустриски развој. Состојбата во општеството, мојата љубопитност за она што ќе се случува по завршувањето на факултетот, како и љубовта кон технологијата и математичките предмети влијаеа на одлуката да се запишам токму на тој факултет. Инаку, хемијата ми беше омилен предмет и мојата матурска тема беше ”Примарна, секундарна и терцијална оксидација на алкохолите”.

- Advertisement -

Во седумдесеттите години имаше поголема побарувачка за производи на пазарот и производствените капацитети беа насочени кон задоволување на побарувачката. Потоа се промени состојбата и мораше да се инкорпорира поинаков начин на размислување, односно да се усовршуваат производите и да се обезбедат елементи за унапредување на нивниот квалитет, за што е потребна технологија. Денес ако сакате да исфрлите производ на пазарот, во производството мора да се применува пристап за осознавање на совршенството на производот. Може да се каже дека продолжив да го барам тоа совршенство на производот секаде каде што сум работел. Технологијата беше и понатаму останува да биде важна за секоја економија и за секое општество, а токму технолошкиот напредок на една земја го детерминира нејзиниот понатамошен развој.

– Интересно е од денешна перспектива да се слушне каков беше во тоа време студентскиот живот и за какви кариери мечтаеја студентите?

- Advertisement -

Беше еден сосема поинаков систем, различно се гледаше на нештата, не бевме соочени со проблемите со кои денес се соочени младите, па прилично перспективно гледавме на она што нé очекува по завршувањето на студиите.

Во тој период настана една голема револуција на младите која се пренесе и кај нас. Имаше големи студентски штрајкови во Париз. Под нивно влијание се случија и штрајковите во Белград и младите се противеа на она што се случуваше во Виетнам. Тоа беше период на мировните процеси, период кога се создаваше музиката која и ден денес се слуша и даде друг пристап на гледање на светот и создаде поинаква генерација. Јас бев дел од таа генерација и мојата генерација беше под влијание на тие движења и сé што се случуваше надвор од Југославија предизвика и ние да имаме поинаков пристап кон работите.

Сонувавме да создаваме, да правиме нешто што ќе биде корисно и ќе има вредност и на тој начин да бидеме продуктивни членови на општеството. Не бевме соочени со истите предизвици на денешниот систем, но од друга страна ги немавме ниту истите можности. Замислете колку повеќе вложување беше потребно за да се осмисли и изведе било каков процес, кој денес, благодарение на дигитализацијата и новите технологии, изгледа како да е така создаден. Токму поради тоа мислам дека тогаш ентузијазмот и амбициите кај младите луѓе беа многу поголеми.

Вашата кариера е навистина импресивна. Две децении на челната позиција на Скопска пивара, а потоа лидер на винарницата Тиквеш. Може ли да ни кажете колку знаењата и праксата стекнати на Технолошко-металуршкиот факултет беа корисни во вашите бизнис потфати?

Големите индустриски капацитети како Охис, Рафинерија, Железара, во најголем дел ги апсорбираа кадрите од овој факултет. Кога јас се вратив од војска и требаше да се вработам, имаше затишје во побарувачката на технолози. Токму тогаш Пивара беше во тешка состојба, пред банкрот и од таму бегаа кадрите. Јас во тој период влегов во компанијата и со уште неколку колеги одлучивме да останеме таму. Ние имавме на некој начин благородна задача да почнеме од почеток и да се посветиме на создавање на нов производ, на квалитет и тоа не ќе беше возможно без технолошкото знаење што го поседувавме. Во осумдесеттите години почнавме да работиме на адаптирање на производот на пазарот користејќи ги модерните маркетиншки принципи. Фактот што студирав на технички факултет имаше влијание од аспект на тоа што инженерските умови имаат посебен начин на размислување и приоѓање на проблемите, што се покажа како многу корисно во бизнисот.

Ова за нас беше предизвик и ние 4-5 инженери кои одлучивме да останеме во Пивара до 2005-2006, успеавме од просечна компанија да направиме компанија која после 2000 година прерасна во синоним за трансформација во пазарно ориентирана компанија која има одреден правец и поставеност на пазарот. Дел од нив се сега во Групацијата „М6“.

„Тиквеш“ беше поинаков предизвик. „Тиквеш“ беше познат бренд не само на македонскиот туку на целиот југословенски пазар, односно во бившите југословенски републики. Во истражувањето за препознатливоста на брендовите на бившиот југословенски пазар „Тиквеш“ беше издвоен како еден од најсилните брендови, заедно со Вегета, Подравка, Краш, Бадел, Елан и други. Но, од друга страна самата компанија бараше реорганизација и трансформација во пазарно ориентирана компанија со фокус кон квалитетот на производите и градење препознатливост на македонското вино и карактеристиките на регионот.

До 2010 година бевме препознатливи по производството на  добро вино за ниска цена. Ние го сменивме тоа. „Тиквеш“ одредува правец за препознатливост на македонското вино како високо квалитетно, со карактеристики што ќе донесат и повисока цена и повисока вредност не само за компанијата, туку за целиот регион и земјата. Значаен фактор за таквата промена се инвестициите во современа опрема и технологија.

Промените не се прават преку ноќ и за тоа ви е потребна енергија, време, капитал, знаење и верба во она што го правите.

– Поаѓајќи од Вашето искуство, постои ли формула за успех на еден млад инженер кој ќе добие шанса да работи и да се докажува во некоја фирми? Каков совет би им дале на инженерите кои по завршување на студиите сакаат да бидат успешни во областа за која што се специјализирале? 

Мора да веруваат во себе, да сонуваат, мора да имаат енергија. Нема успех без многу труд и жртвување, така што не сакам никој да добие впечаток дека е многу лесно. Од оваа дистанца може да изгледа дека во „Скопска Пивара“ или „Тиквеш“ сé одело едноставно. Напротив, сите тие промени се случувале со години. Промените не се прават преку ноќ и за тоа ви е потребна енергија, време, капитал, знаење и верба во она што го правите.

Ако во шеесеттите и седумдесеттите години на цена беа технолозите, денес младите тешко се одлучуваат за технички факултети. Повеќе се насочени кон бизнис администрација, што според мене е погрешно. Техничките факултети даваат многу добра основа и можности за развој и во други насоки, што не е случај со бизнис школите.

Ние имавме поинакво образование. За жал, сега некои предмети се исфрлени, како етика и филозофија кои овозможуваат младите да се градат како личности. Овие аспекти не треба да се занемарат во сеопфатниот развој на еден професионалец. Столбовите што ги поставуваат технолошките студии се одлична основа која треба да се надополни со сознанијата од етиката и филозофијата во правилниот начин на размислување и одлучување.

– Винарската визба „Тиквеш“ е меѓу ретките македонски брендови кои се препознатливи во регионот и пошироко. Може ли да сублимирате на што се должи успехот?

Успехот е избор и правец кон кој сме се определиле, но тука се и луѓето што со својот дух и енергија дале голем придонес во промените.

„Тиквеш“ беше компанија која бележеше загуби пред Групацијата „М6“ да ја преземе сопственоста во 2003 година. Технологијата беше застарена и наменета за производство на поголеми количини вино, а не на квалитетно вино. Истото беше и со лозарите. Тие гледаа како да продадат поголема количина грозје, не внимавајќи на неговиот квалитет. Затоа прво што почнавме да правиме беа интензивни инвестиции во процесот на производство со воведување на современа опрема и технологија и едукација на лозарите и градење на свесност за тоа што е квалитетно вино и како се произведува. Тоа не беше лесен или брз процес, уште работиме на овие аспекти. Но, остваривме значајни поместувања кон подобро и затоа денес „Тиквеш“ е производител на висококвалитетни вина и тоа е препознаено не само во регионални, туку и во светски рамки и потврдено од реномирани вински критичари и експерти.

Друг исклучително важен аспект се вложувањата во човечките ресурси. Мора да имате одличен тим составен од способни и посветени луѓе, за да може да ги постигнете целите. Идентификацијата на таквите луѓе, нивниот ангажман и понатамошен развој се уште еден од клучните фактори за успех. Тие се тие што ги реализираат секојдневните активности и во производството и во продажбата и во промоцијата за нашите вина, за да бидат познати во регионот и пошироко.

Столбовите што ги поставуваат технолошките студии се одлична основа која треба да се надополни со сознанијата од етиката и филозофијата во правилниот начин на размислување и одлучување.

–  Во индустријата за пијалоци, технологијата и иновациите се главни двигатели. Како го оценувате иновацискиот потенцијал на оваа индустрија? Како од технолошки аспект го менаџирате Тиквеш

Секоја индустрија има потенцијал за иновации. Ние во „Тиквеш“ сме горди што постојано воведуваме иновации во производството и лансираме иновативни производи во поглед на квалитетот и стилот на виното, но и амбалажата и изгледот на производите. Иновациите се тие што ве одвојуваат од другите и ве прават позабележливи и поуспешни во однос на конкуренцијата. А технолошката супериорност е врвен приоритет во „Тиквеш“ не само од аспект на технологија на производство, туку и во воведувањето на енергетски ефикасни технологии, обновливи извори на енергија и токму на такви проекти сме насочени во моментов.

Ние не заостануваме во овој дел, туку сме многу понапред и од многу други винарници во светот. Винската индустрија е тешка индустрија од аспект на големата конкуренција што постои на светско ниво. Засега, и покрај епидемијата, успеваме да се носиме со сите предизвици и да продолжиме по патот што го чекориме повеќе години во однос на лидерската позиција во земјава и поширокиот регион. До крајот на годината, „Тиквеш“ ќе биде втора винарница во светот препознаена како зелена винарница, а прва во Европа.

– Знаеме дека најчесто добивате прашања како да се придвижи македонската економија и да се зајакнат компаниите како носители на економскиот раст, но ние во оваа прилика ќе Ве прашаме: Во кој правец би требало да се промени образованието за компаниите да добијат квалитетен кадар?

Најбитната работа за секој образовен систем е да даде простор за креирање на слободни мислители. Дисциплината е важна, но треба да има луѓе кои самостојно размислуваат, наместо само да следат авторитети. Оваа нова генерација има многу големо знаење, но треба да размислува критички и да донесува одлуки. Најголем проблем кај нас и пошироко е многу малиот процент на луѓе што креираат и самостојно размислуваат. Треба да најдеме начин како да се создадат ваквите луѓе.

Реформите што до сега се правени во образовниот систем не ни нудат целосно решение во развојот на кадри. Ние го немаме типот на кадар што го бара либералниот капитализам. Денешното општество функционира по поинакви принципи и треба да се создаваат поединци што ќе можат да се снајдат во него, а не поединци кои се граделе за поранешниот систем и користење на привилегии преку политички партии. За да го постигнеме тоа ќе ни треба помош. Дуалното образование кое се применува во Германија и Швајцарија и се воведува постепено кај нас е добар пример. Се трудиме финскиот модел на едукација да се воведе кај нас, според кој децата уште на возраст од 5-6 години се учат да бидат креативни и да размислуваат самостојно.

Со реформите во образованието треба да се води сметка за тоа што ѝ е потребно на економијата во следните 5 години и да се создаваат кадри што ќе можат да се вклучат во компаниите. Без тоа се создаваат изгубени генерации и со право овие млади луѓе се потоа исфрустрирани, бидејќи и кај нив се создаваат поинакви очекувања.

Со реформите во образованието треба да се води сметка за тоа што ѝ е потребно на економијата во следните 5 години и да се создаваат кадри што ќе можат да се вклучат во компаниите

– Господине Јаневски, Вие сте добитник и на меѓународната награда „Креатори за столетијата“ за животно дело во претприемништвото. Како технологот Светозар Јаневски стана одличен претприемач (од аспект дали е подобро инженер да биде претприемач, или обратно)?

Во мојот случај инженерската позадина беше предност, но тоа не е правило. Секој што поседува желба и упорност и има конкретна цел, ќе успее во она што го замислил. Јас можеби сум пристрасен и ќе кажам дека инженерите според мене имаат подобра основа, затоа што имаат специфични технички знаења кои полесно се надополнуваат со бизнис концепти отколку обратно.

Инженерот е адаптабилен. Може да работи на струката, но може да се прилагоди и во друга сфера. Битно е да се познава производот, а потоа е полесно на таквото знаење да се надградат сознанија од економијата и финансиите. Кај нас има многу примери на успешни деловни луѓе кои се развивале на тој начин.

Сподели!
- Advertisement -