„Македонија има прекрасни места кои вредат да се посетат“ – студенти со онлајн кампања промовираат домашен туризам

- Advertisement -

„Летувајте и истражете ја Македонија“ – гласи онлајн кампањата на членовите на Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник“. Тие направија селекција од 20 места вредни за посета, кои преку фотографии и информации периодов ги претставуваат на своите социјални мрежи со цел да ги промовираат убавините на земјата.

Според Александар Стојаноски, претседател на здружението, граѓаните полека почнуваат да се запознаваат со она што го нуди земјата.

- Advertisement -

„Можеби ќе звучи сурово, но реалноста е дека до пред неколку години, навистина голем дел од населението не знаеше што оваа земја може да понуди, какви природни и културно историски реткости поседува. За среќа, во последните неколку години сме сведоци на зачестено споделување на информации, фотографии и предлози за посета на локации во Македонија но и пред сè на зголемување на свеста на луѓето за заштита на тие локации“, смета тој.

„Негативниот тренд на ценењето на туѓото повеќе од нашето за среќа постепено се менува“, вели Стојаноски, додавајќи дека списокот на природни и културни реткости во Македонија е предолг.

- Advertisement -

„За летните одмори сите гледаме да избегаме што е можно подалеку и на што е можно поегзотични дестинации, притоа занемарувајќи го фактот дека и во Македонија има многу прекрасни места кои вредат да се посетат. Домашниот туризам од една страна ќе ве запознае со убавините на нашата земја, а од друга страна ќе ги помогне локалните бизниси и нашите сограѓани во борбата со економската криза предизвикана од светската пандемија“, гласи кампањата на „Природник“.

Стојановски препорачува посета на Националните паркови „Маврово“, „Пелистер“ и „Галичица“, како и водопадите Дуф, на Бабуна и Колешино. Покрај ова, на неговата листа се и вештачките езера, како езерото Градче во близина на Кочани, но Шар Планина и нејзиниот бисер Лешница, Осоговските планини, Кожуф, областа Порече во општина Македонски Брод и неколкуте пештери.

- Advertisement -

Повеќе на Радио МОФ

Сподели!
- Advertisement -