Годишно се собира околу 117.000 тони амбалажен отпад, „Пакомак“ рециклира 28.000 тони

- Advertisement -

Околу 117.000 тони амбалажен отпад се создава секоја година во земјава. Преку системот на „Пакомак“, друштво за управување со пакување и отпад од пакување, за рециклирање се собира околу 28.000 тони различен амбалажен отпад (хартија, пластика, стакло, метал и дрво) од вкупно 50.000 тони колку што создаваат компаниите членки на овој систем.

– Но, сè уште постојат компании-производители кои не финансираат никаде за управување со својот амбалажен отпад со што значајно го оштетуваат државниот буџет, а институциите недоследно постапуваат, вели Филип Ивановски од „Пакомак“, друштво за управување со пакување и отпад од пакување.

- Advertisement -

Тој информира дека свеста кај граѓаните за селекција на отпад од година в година се зголемува. Немањето контејнери била причината речиси 95 отсто од граѓаните да не селектираат отпад во 2013 година. Во 2019 од истата причина, неселектираат 79 проценти, а оваа година само за 63 отсто од граѓаните немањето контејнери е главна причина зошто не селектираат.

– Низ земјава има околу 10.000 контејнери за општ смет. Ние имаме поставено над 2.000 за селекција на амбалажен отпад. Не велиме дека е доволно, но има општини кои не сакаат да поставуваат контејнери за селекција или сметаат дека имаат доволно, иако граѓаните од тие општини се јавуваат кај нас и бараат да поставиме контејнери за селекција во близина на нивните живеалишта. Во моментов имаме 100 зелени контејнери за селекција на стакло од 1,5 м3, кои не се поставени затоа што градоначалниците или нивните комунални претпријатија се оправдуваат дека не им е тоа фокус во оваа ситуација, вели Ивановски.

- Advertisement -

Националните цели за рециклирање за 2020 година се 60 отсто, но Ивановски смета дека се остварливи и претпоставува дека тој процент ќе изнесува можеби макисмум 40.

– Ние како „Пакомак“ пред институциите сме одговорни само за рециклирање на количините на амбалажниот отпад од нашите клиенти, а тие генерираат околу 50.000 тони амабалажен отпад од оние официјални 117.000 тони кои годишно се создаваат. Со собрани 28.000 тони во 2019 година, нашата интерна стапка на рециклирање беше 55,4 отсто, вели Ивановски.

- Advertisement -

Тој потенцира дека како граѓани мора да сфатиме дека имањето чиста животна средина не е бесплатно. Според него, само со осмилено затворање на сите текови на отпад, за помал негативен ефект врз околината и луѓето, можеме да се надеваме на поздрава животна средина.

– Сметките за собирање отпад во моментов се премали за да се финансира сериозно селектирање и рециклирање на отпадот. Ако во ЕУ земјите од регионов (Бугарија, Грција, Романија) се собираат 4-6 евра од жител годишно само за управување со амбалажниот отпад, во Германија тоа е 8-10 евра. Во Македонија се собираат (од компаниите-производители) помалку од 1 евро од жител годишно. Значи, кога ова ќе го разбереме, можеме да правиме проекции за 5 или 10 години како ќе го менаџираме отпадот генерално. Да ги менувате навиките на цело општество е тешка задача, но ние го прифативме предизвикот, вели Ивановски.

Сподели!
- Advertisement -