Домашните платежни картички го зголемија прометот во домашната трговија

- Advertisement -

Вкупниот реализиран промет со картичките изнесува 26,5 милиони евра – средства инјектирани во економијата во период 2 месеци, преку граѓаните кај домашните компании за купување македонски производи и услуги.

Ова е најобемната мерка од ваков тип која се спровела во државава, која воспостави нов начин на имплементација, посочи екс министерката за финансии, Нина Ангеловска на својот ФБ профил.

- Advertisement -

Како антикризна мерка, главни цели на домашната платежна картичка беа да се поддржат одредени целни категории на граѓани во соочувањето со Ковид-кризата и поттикнување на приватната потрошувачка на домашни производи и услуги со цел да се амортизира ударот врз економијата.

Реализацијата во број на картички изнесува 93%, додека во износ 95% од планираното. Во бројки, од околу 330.000 граѓани кои се најдоа на листата, 309.000 ги подигнале своите домашни платежни картички. Од вкупно префрлените средства кон банките 28.3 милиони евра, 26.8 милиони евра биле доделени на издадените картички, а од нив 26.5 милиони евра се потрошени на купување домашни производи и услуги. Разликата ќе биде вратена во буџетот.

- Advertisement -

Гледано по групи на граѓани на кои им следуваше домашна платежна картичка, најголема реализација или 97% има кај невработените лица и здравствените работници, додека најниска кај младите лица (90%).

Тоа предизвика раст од околу 20% кај бројот на издадени платежни картички (од 1.8 милиони на 2.1 милиони) и раст од околу 40% во бројот на трансакции – реализирани преку 2 милиони трансакции со домашна платежна картичка (во просек месечниот број на трансакции преку ПОС-терминали од физички лица за периодот јан-март 2020 изнесува 5.3 милиони)

- Advertisement -

Граѓаните кои ги имаат домашните платежни картички ќе можат и понатаму да ги користат како нормални дебитни картички. Верувам дека истите ќе најдат примена и во иднина при дизајнирање на идни проекти и програми на Владата. Да купуваме домашно, да плаќаме безготовински, да се стремиме сите заедно за подобро и посовремено општество, додава Ангеловска.

Сподели!
- Advertisement -