Пред пропаѓање во исклучително тешка состојба се претпријатијата од секторот услуги кои како резултат на владината Уредба се уште се принудно затворени и не се во можност да ја остваруваат својата дејност.
Дополнително нивната неизвесност е голема со оглед на тоа што за нив воопшто не се донесени протоколи за почеток со работа, за разлика од целиот свет каде за сите дејности има утврдени правила за вршење на дејност. Овие сектори се принудно затворени немаат никакви приходи и иако се уште им се генерираат трошоци за плати, наемнини и режиски трошоци за нив веќе со месеци нема никаква финансиска поддршка.
Станува збор за над 1000 субјекти со дејност игротеки, приватни установи за едукација и грижа на деца, објекти за организирани настани како свадби, родендени, крштевки, како и други семејни веселби, кои веќе шести месец не остваруваат никаков приход и финансиски не можат да опстојат во кризата.
Претпријатијата од овие дејности бараат итно протоколи за почеток со работа или доколку се одлучи принудно да останат затворени, да се донесат мерки за финансиска поддршка со кои ќе ја преживеат кризата. Ликвидноста е целосно нарушена, а со самото тоа и можноста да ги задржат вработените, да ги сервисираат обврските и основните месечни трошоци.
Во континуитет доставувани се писмени барања со издржани предлози до надлежните институции, како и протоколи за работа согласно оние од земјите во регионот и пошироко, каде на овие дејности уште пред неколку месеци им е овозможено да работат.
Доколку се утврди дека нема можност за извршување на дејноста, економските оператори бараат да се донесе економски пакет од шест мерки за финансиска помош за опстанок.
- Субвенции за плати за сите досегашни и идни месеци додека се принудно затворени од институциите, во износ на минималната бруто плата
- Одложување од обврските за плаќање кон претпријатијата кои вршат комунални дејности до крајот на годината
- Ослободување од обврските за аконтативно односно однапред плаќање на данок на добивка и персонален данок на доход
- Ослободување од плаќање на данок на имот спрема општините и Градот Скопје за месеците за кои принудно не вршат дејност
- Мораториум со репрограм за кредитните обврски спрема банките до крајот на годината
- Еднократна парична помош за сите објекти врз основа на претходно определени критериуми и параметри засновани на годишни приходи и платените даноци во изминатите години.
Со формирање на новата Влада, претпријатијата од овие дејности очекуваат во најкраток можен рок да се реши моменталната состојба, во спротивно својот револт ќе го истакнат на протест. Да се затворат принудно со месеци без услови со кои ќе можат да ја преживеат кризата е нечовечки и помош или деблокада се единствениот излез.