Александар Чадиковски: Пет добри причини зошто од идните технолози зависи иднината на планетата!

- Advertisement -

Александар Чадиковски е директор на производство на Лацталис МК Млекарница од 2013 година. Во периодот од 2002 до 2013 година работел како раководител на производство на пиво во Пивара Скопје АД. Во 2000 година остварил краток работен престој како млад истражувач во Центарот за експериментална механика во Љубљана, Словенија. На Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје дипломирал полимерно инженерство, а подоцна магистрирал во областа биотехнологија на истиот факултет. Во 5 кратки фази од неговото образование и кариера тој ни ги објаснува предизвиците на студирањето Технолошко-металуршки факултет.

Teкстот е дел од серијалот “Од ТМФ до успешна кариера“ кој го реализираме во соработка со Технолошко-металуршки факултет во Скопје.

- Advertisement -
  1. Применета наука

Во јуни 1993 година кога сите матуранти од гимназијата Корчагин ја имаа дилемата дали Електро или ПМФ-Информатика, мене дилемата ми беше чиста хемија или хемиска технологија. Индустријата во тоа период, не беше во завидна состојба, но сепак се решив да студирам на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Одбрав базно органско и полимерно инженерство (синтеза и преработка на пластика), бидејќи се пронајдов во содржината на програмата која имаше многу „хемии“. Со полимерите и пластиката работев само два месеци во Центарот за експериментална механика во Љубљана. Иако никогаш понатаму немав прилика да работам во оваа област, сепак изборот што го направив тогаш, се уште ми е драг.

- Advertisement -

2. Дизајн и креирање на производ

Креативноста во дизајнирање на нови производи е секако дел од работата на секој инженер технолог. Маркетинг истражувањата даваат информација за потребите на пазарот, додека практичната реализација на проектот – готов производ, е работа на технологот. Технологот ги има сите алатки и знаења за тоа која технологија да ја развие во насока на добивање на најдобар производ. Првите обиди да се добие производ се токму на лабораториските вежби на Факултетот. Се сеќавам на пример на вежбите по органска хемија. Од каранфилчиња со екстракција се изолираше етерично масло – еугенол, а потоа се мереше колкав е приносот на маслото. Токму тоа се првите обиди за сопствен „готов производ“. Секако индустрискиот процес бара многу повеќе пресметки и анализи, но секој нов продукт започнува во лабораторија.

- Advertisement -

3. Биотехнологија

Првото сериозно вработување ми беше во Пивара Скопје АД. Во тој период имав еден голем предизвик. Морав да се преориентирам во сосема друга област, од полимерна технологија во прехранбена и биотехнологија. Секако, има разлика дали ќе биде хемиски реактор во кој ќе се произведува полиетилен или е биореактор (ферментор) за пиво. Но, главните принципи на работа се тие кои веќе ги имав учено. Верувам дека секој технолог би можел за брзо време да се преориентира од една во друга област на преработка. Дегустацијата на храна (во мојот случај беше пиво) ми побуди голема желба за една „хедонистичка“ наука. Магистрирав на ТМФ во областа Хемија на вкусовите компоненти на храната. Научив како се дизајнира храна со посакуваниот вкус, а притоа да ги задоволува сите физичко-хемиски, нутритивни и микробиолошки карактеристики.

Најдобар период за пишување на магистерска теза е после 10-тина години работно искуство. Во тој период може да се направи најубав спој на теоретското и практичното искуство. Пишувањето теза треба да биде плод на подолготрајно истражување во некоја потесна област на технологијата. На таков начин, се дава поголем придонес на науката.

4. Хемија, економија и екологија

Еден од најголемите предизвици на технологот е да добие производ со најдобра можна цена, а притоа да има најмалку отпад. Прехранбениот технолог и биотехнологот покрај евтин производ со малку отпад, треба да добие и производ со најдобар вкус. Познавањата на инженерските предмети во комбинација со искуството се вистинската формула да се постигне ова. Она што го учев на микро ниво во лабораториите на Факултетот, понатаму во индустријата многу лесно го имплементирав на макро ниво. Секако, за да се оптимизира еден хемиско-технолошки процес е потребно време. Но, времето во кое живееме се повеќе бара оптимизација на процесите. Сега, треба се повеќе да се фокусираме на екотехнологии. Она што навистина ме радува е дека програмите на Технолошко-металуршкиот факултет, на скоро секоја насока, содржат предмети кои се поврзани со екологија и заштита на животната средина.

5. Практична настава и реален процес

Додека студирав, во програмата имаше задолжителна практична настава. Таа практика сеуште постои и искрено мислам дека е одлична. Од оваа перспектива, моето мислење е дека праксата би можела да биде подолга од 3 недели. 😊

Во периодот додека е на пракса, студентот има можност да направи компарација на стекнатите знаења со реален технолошки процес. За време на праксата работодавачите се во контакт со потенцијален кадар за нивните фирми. Во моето досегашното работно искуство имам менторирано 20-тина студенти на практична настава, а дел од нив по завршување на студиите станувале и дел од тимовите на производство или контрола на квалитет. Една моја порака до идните студенти: Можеби денес е време на информатичките технологии, но времето на хемиските технологии и биотехнологија никогаш не поминало. Напротив, тоа допрва доаѓа. Развојот на нова функционална храна, биоразградлива пластика, биогорива, нанотехнологии и екотехнологии се новите предизвици за идните технолози. IT инженерите се тука да го поддржат целиот технолошки процес со софтверски алатки, но технолозите се тие кои ќе го креираат процесот. Од идните технолози зависи иднината на планетата.

Сподели!
- Advertisement -