Бактериите можат да преживеат во вселената и до три години, тврдат научници кои проучувале колонија микроби надвор од Меѓународната вселенска станица. Научниците од јапонскиот експеримент Tanpopo велат дека ова откритие значи дека вонземскиот живот може да биде распространет, односно дека животот може да се пренесува од планета на планета.
Колонијата микроби, кои се потенки од хартија, се отпорни на екстремен студ и на високата радијација во вселената. Според студијата која ја објавија во списанието Frontiers in Microbiology, научниците утврдиле дека изумреле само бактериите кои се наоѓале на врвот на колонијата, кои, всушност, служеле како заштитен слој за остатокот од бактериите под нив.
Ова откритие значи дека колониите микроби можат да патуваат од Земјата до Марс или која било друга планета од вселената. Откритието се базира на испитувања на бактеријата деинококус, која била населена надвор од вселенската станица во период од три години, Откритието ја потврдува теоријата наречена “панспермиа”, односно контроверзна идеја за тоa дека организмите мигрираат меѓу планети, сателити и соларни системи. Еден од заговорниците на оваа идеја беше и физичарот и космолог Стивен Хокинг.
Д-р Акихико Јамагиши, главен истражувач во експериментот Tanpopo вели дека потеклото на животот на Земјата е најголема мистерија која го мачи човештвото. „Научниците имаат сосема различни мислења за тоа. Некои мислат дека животот е многу редок и дека се случува само еднаш во универзумот, додека други сметаат дека може да се случи на секоја погодна планета“ вели Јамагиши.
Хокинг, кој прв ја постави теоријата за космологијата, сметаше дека животот може да се шири од планета на планета или од галаксија во галаксија преку метеорите. Дури се тврдеше и дека на овој начин животот стигнал и на Земјата, иако тие тврдења се широко критикувани во научните кругови.
Целта на проектот Tanpopo е да се истражи можноста за природен меѓупланетарен сообраќај на живот и бактерии. Тестовите се спроведени меѓу 2015 и 2018 година надвор од истражувачкото летало наречено Kibo, и тоа на околу 402 километри над Земјата. Тие докажале дека микроскопските организми можат да создадат живот некаде во вселената и повторно да се размножуваат ако најдат соодветни услови.
Научниците „посадиле“ бактерии со различни големини во вселената на година, две или три и потоа врз основа на собраните податоци процениле дека тие бактерии кои се потенки од 0,05 мм можат да преживеат дури 45 години на Меѓународната вселенска станица.
(N1)
(фото: Pikist)